More

    Возачите треба да отворат 4 очи да не им излета некоја срна или дива свиња

    spot_img

    Појавата на домашни и диви животни на патиштата низ земјава е голем проблем за возачите. Експертите велат дека топлото време, но и пожарите се причина дивите животни да бегаат од нивните живеалишта и да се спуштаат поблиску до местата каде што живеат луѓето или да излегуваат на регионалните патишта па и на автопатите.

    Многумина возачи во овој период од годината се сведоци на застрашувачки сцени кога пред нивните возила одеднаш излетуваат срни, лисици, мечки, волци, диви свињи… Исто така возачите сведочат за многу животни кои биле удрени од возила, автобуси или камиони, а нивните трупови се оставени да распаѓаат покрај патиштата.

    Скопјанец сведочи дека имал непријатна средба со возрасна срна, но за среќа избегнал незгода.

    – На патот кон велешкото село Богомила, одеднаш пред возилото ни се појави голема срна. Животното како да се скамени пред нас, не реагираше иако ја употребив свирката. Малку ја намалив брзината и за среќа немаше возило во спротивната лента, па можев да ја заобиколам и да избегнам судар. Верувам дека доколку удрев во срната ќе претрпев поголема штета на возилото, а мислам дека и животното немаше да преживее – ни раскажа Виктор за стресната ситуација со која се соочил.

    Други возачи кои ги користат регионалните патишта во земјава велат дека често гледаат усмртени диви животни покрај патиштата.

    Според експертите, ризикот е преголем и може да чини човечки животи, затоа што при брзина од 120 километри на час, доколку излета животно на улица, жртва нема да биде само животното туку и патниците што се во возилата.

    Плусинфо разговараше со раководителот на програма во Македонско еколошко друштво (МЕД) Диме Меловски за причините за зголемената појава на диви животни на патиштата. Дали можеби топлото време е една од причините тие да се симнуваат во пониските делови во потрага по вода?

    – Не би требало да биде така, зашто на планините е поладно отколку во пониските предели. Ако снемува вода, тогаш ќе снема секаде, а особено на местата без вегетација. Сепак, сушниот и топлиот период годинава трае предолго, а животните постојано се во потрага по вода насекаде низ пределот во кој живеат – ни одговори Меловски.

    И пожарите кои беснеат низ земјава се една од можните причини за миграција на дивите животни кон пониските предели.

    – Пожарите причинуваат изместување од нивните територии и несвојствена динамика на движење на животните. Затоа можеме да видиме животни и таму каде што не би ги очекувале – вели Меловски.

    Тој им препорачува на возачите да возат по пропишаните брзини и да ги следат знаците на патиштата за појава на диви животни. Според него, возачите многу полесно може да се избегнат несакана и случајна средба со диво животно на пат.

    – Доколку се сретнеме со живо животно, не треба да му се дава храна, особено доколку се работи за мечка. Доколку животното е прегазено, треба да се пријави во Македонија пат, во полиција, во локалното ловно друштво или во заштитеното подрачје (национален парк, на пример). Оваа година овошките се далеку попродуктивни од лани и би требало мечките да се колку-толку нахранети и да не се симнуваат во населените места. Сепак, препорачуваме да не се остава органски отпад во контејнерите во излетничките места или во планинските села – вели раководителот на МЕД.

    703 СООБРАЌАЈКИ СО ЖИВОТНИ ЗА 5 ИПОЛ ГОДИНИ

    Според официјалната статистика на Министерството за внатрешни работи, има релативно мал број сообраќајки со животни кои поради сплет на околности се нашле на погрешно место во погрешно време. Оттаму велат дека за пет години, односно за 2019, 2020, 2021, 2022, 2023 и до 31 мај годинава низ земјава се случиле 703 сообраќајни несреќи предизвикани од животни.

    – Напоменуваме дека Министерството за внатрешни работи не располага со статистички податоци, дали во овие сообраќајни незгоди учествувале диви или домашни животни – велат од МВР за Плусинфо.

    Според надлежните од Јавното претпријатие за државни патишта, најголемиот број сообраќајни незгоди се случуваат во близина на патните јазли предизвикани од неконтролирано движење на домашни животни, за чие движење се надлежни сопствениците. Оттаму додаваат дека, според нивните сознанија, ретки се сообраќајните незгоди со диви животни.

    – Членот 129 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата вели дека „на автопат, експресен пат или пат резервиран за моторни возила не смеат да се движат пешаци, велосипеди, мобилни машини, мотокултиватори, трактори, запрежни возила и добиток, ниту возила што според овој закон не се сметаат за моторни возила. Членот 41-а од Законот за јавни патишта, пак, вели дека „заради обезбедување посебен режим на сообраќај на автопат и магистрален пат на кој е воведен систем на наплата на надоместок за употреба на патот, како и за да се спречи неконтролирано движење на луѓе и диви животни на коловозот, на надворешниот раб на патниот појас континуирано се поставува заштитна ограда“. Според членот 68, „инспекциски надзор над спроведувањето на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон врши за државните патишта Државниот инспекторат за транспорт преку Државните инспектори за патишта, а за општинските патишта и улици овластениот инспектор за патишта на општината, односно Градот Скопје.“ Јавното претпријатие за државни патишта при изградба на автопатишта и експресни патишта, резервирани исклучиво за моторен сообраќај, поставува заштитната мрежа за спречување на влегувањето диви животни во патниот појас. На регионалните патишта што се наменети за мешан сообраќај не се поставува мрежа – информираат од претпријатието.

    фото: Принтскрин/Илустрација

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img