Австралискиот премиер Ентони Албанес во саботата рече дека неговата влада е подготвена да обезбеди каква било помош што им е потребна на жителите на државата Западна Австралија по рекордните поплави во изолираните заедници таму.Тропскиот циклон Ели донесе силен дожд во западниот дел на континентот, покривајќи површина речиси три пати поголема од Велика Британија
Меѓу најтешко погодените локации е преминот Фицрој, мало гратче со 1.300 жители, каде што потребните залихи беа доставени со хеликоптери, со оглед на тоа што беше отсечен од другите градови во регионот поради поплавите.
Владата предводена од лабуристите „конструктивно соработува“ со властите во Западна Австралија за да ги санира последиците во ретко населениот регион, рече премиерот Албанес.
„Овие поплави имаат разурнувачки ефект врз многу од заедниците што живеат овде и тешко ќе се справат со ова, а нема доволно ресурси“, им рече премиерот на новинарите во Џилонг, Викторија.
„Мојата влада е подготвена да обезбеди каква било помош што е потребна“, додаде тој.
Според информациите од државните служби на Западна Австралија, Националните одбранбени сили им помагаат на жителите погодени од поплавите и користат хеликоптери за да ги однесат на побезбедни места.
Австралиското биро за метеорологија извести дека веќе нема тешки временски услови на континентот, но „ситуацијата ќе продолжи да се следи и доколку е потребно ќе бидат издадени дополнителни предупредувања“.
Вонредната состојба во северозападниот дел на земјата доаѓа по честите поплави во источна Австралија во последните две години
Некои региони претрпеа четири големи кризи со поплави од минатата година предизвикани од обилните врнежи.