Хамас има доволно муниција за да продолжи со борбите со месеци, а Израел елиминирал помалку од третина од борците од оваа милитантна група, проценуваат американските разузнавачки агенции, пишува „Волстрит Џурнал“.
Написот сугерира дека по 107 дена војна Израел не ги постигнал своите цели и дека поради ова администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ги прилагодува очекувањата од војната и се оддалечува од барањето да се уништи Хамас, а се приклонува кон решението за две држави и почнува да го притиска Израел.
Од друга страна, основата цел на Хамас во овој конфликт е едноставно да издржи, а не нужно да победи. Американските разузнавачи за „Волстрит Џурнал“ велат и дека во некои области, како Рафа, каде што денес живеат околу два милиони жители на Газа, Хамас сè уште е единствената влада и полициска сила.
Дали Хамас ќе биде пировиот победник во војната?
„Прашање е на време кога Хамас ќе си ги врати териториите“
Сепак, Хамас, кој работи како неправилна сила вклучена во одбранбена војна во густо населена урбана средина и користејќи широка мрежа на тунели под Газа, ја покажа својата способност да продолжи да се бори.
Мајкл Милштајн, поранешен шеф на палестинските прашања за израелското воено разузнавање, изјави за „Волстрит Џурнал“ дека е само прашање на време кога Хамас ќе ги врати областите каде што Израел нема да има чизми на теренот.
За реално да ослабите некого тој треба да загуби 30 отсто од силата?
Според американската воена доктрина, конвенционалните сили што ќе доживеат загуба од 25%-30% од своите борци ќе се сметаат за борбено неефикасни. Но, се чини дека Хамас му пркоси на воспоставеното воено размислување по неколку точки.
Израелските власти проценуваат дека околу 16.000 борци на Хамас се здобиле со повреди, а околу половина од нив веројатно нема да продолжат со активна должност, како што објави висок израелски воен функционер. На американска страна, проценките се дека меѓу 10.500 и 11.700 терористи се ранети, а постои можност многу од нив на крајот да се вратат на бојното поле.
Само 50 од фатените борци на Хамас се од рангот на команданти
САД проценуваат дека Хамас имал меѓу 25.000 и 30.000 борци пред војната на 7 октомври 2023 година, како и илјадници полицајци. Израел, исто така, проценува дека Хамас имал околу 30.000 терористи пред војната.
Пред една недела, на 100-от ден од војната, ИДФ извести дека се елиминирани 9.000 борци на Хамас и Хезболах, од кои 50 од рангот на командант на четата и повисоки.
Високиот функционер на Хамас, Сами Абу Зухри, истакна дека одбивањето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да ги запре воените операции „значи дека нема шанси за враќање на израелските заложници“ додека израелските сили го засилуваат нападот врз Кан Јунис во јужниот дел на Газа.
Палестинска држава – единствено решение за траен мир?
Нетанјаху во неколку врати ги отфрли повиците на САД и други челници од Западот за решение со две држави за мир во Израел.
Пораката за решение со две држави денеска ја повтори и шефот на европската дипломатија Жозеп Борел според кого не постои друга алтернатива за постигнување мир во Израел. Борел неодамна го обвини и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека намерно го финансирал Хамас пред војната, а наводно, за да ја ослабне Палестинската управа на Западниот Брег и во Газа.