Првиот човек на групата Вагнер, Евгениј Пригожин вели дека Србија залудно се лути и дека во нивните редови нема Срби. Претходно, српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека сите Срби што се регрутирани во Вагнер и учествуваат во војната во Украина, ќе бидат уапсени по враќањето дома, пишува Тасс.
– Од 1 март 2023 година, во Вагнер нема ниту еден Србин. Последниот што се борел во Вагнер ја напушти групата пред два месеци. Ако некој од Србите тврди дека се борел во Вагнер во 2023 година, тоа е измама. Не верувајте му – вели Пригожин.
Снимките од Срби кои заедно со Русите се упатиле да се борат во Запорожје станаа популарни на интернет. Србите тврдеа дека се борат против злото на Западот.
Лани медиумите објавија дека неколку српски граѓани загинале на боиштата во Украина. Се работело за Срби кои имаат и руско потекло.
Истовремено, Њујорк Тајмс и други медиуми пишуваа една сторија во која, Србија, заедно со Бугарија и Босна и Херцеговина учествуваат во тајно прибавување на оружје за Украина. Во приказната, за која Плусинфо веќе извести, британски агенти на Балканот нуделе пари за артилериска муниција за Украина која може да се најде во стари фабрики.
Информацијата стигна и до Кремљ.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денеска изјави дека Москва ги следи информациите за можно снабдување на Украина со српска муниција, но дека за реакција се потребни факти, пренесува весникот „Данас“.
Според неа, досега добиените информации „предизвикуваат најголема загриженост“.
– Ова е премногу сериозно прашање, покрај другите работи, од гледна точка на руско-српските односи, за уште сега да се реагира соодветно. Потребно е да се потпреме на фактите – рече Захарова.
Рускиот продржавен медиум „Маш“ на крајот на февруари објави дека оружје од српската воена фабрика „Крушик“, преку Турција и Словачка, завршува во Украина.
Компанијата „Крушик“ демантираше поврзаност со продажбата на ова оружје на краен корисник од Украина, а истото го направи и српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ.
Тој додаде дека Србија „апсолутно не извезува оружје ниту во Украина, ниту во Русија“.