Во текот на 2022 година во ЕУ се создадени 513 килограми комунален отпад по глава на жител, што е за 4% или за 19 килограми помалку во споредба со претходната година, кога количеството на смет пер капита било 532 килограми.
Според податоците на Евростат, количеството на создаден комунален отпад по глава на жител значително се разликувал од земја до земја на ЕУ.
– Диспропорцијата меѓу земјите членки е одраз на разликите во потрошувачките навики, материјалното богатство и начините на собирање и управување со комуналниот отпад – оценува Евростат.
Дополнително, како што јави дописникот на МИА од Брисел, меѓу земјите членки на ЕУ постои разлика и во однос на количеството на отпад собрано во производството, трговијата, јавната администрација и домаќинствата.
Така, најмногу смет во 2022 година создале Австријците и тоа 827 килограми по глава на жител, пред Данците со 787 и Луксембуржаните со 720 килограми смет пер капита. Од друга страна, најмалку смет генерирале Романците и тоа 301 килограми по глава на жител, пред Полјаците со 364 и Естонците со 373 килограми отпад.
Кога станува збор за количеството на рециклиран смет, и тоа во 2022 година е намалено во споредба со претходната година. Според податоците на Евростат, во 2022 биле рециклирани 249 килограми отпад по глава на жител. Во 2021 количеството на рециклиран смет во ЕУ пер капита изнесувало 264 килограми.
Австрија со 516 килограми по глава на жител е на водечката позиција и според количеството на рециклиран отпад, пред Данска со 411 и Германија со 409 килограми. Романија и во ова рангирање е на дното на листата со 36 килограми рециклиран смет по глава на жител, пред Малта со 75 и Грција со 90 килограми.
Споредбите со земјава, пак, изгледаат вака.
Во 2022 година, според податоците на нашиот Државен завод за статистика, годишното количество на создаден комунален отпад по жител во земјава изнесува 467 килограми, што е за 3,3 % повеќе од истото количество во 2021 година.
Вкупното количество на создаден комунален отпад изнесува 856.766 тони. Во 2022 година во земјава се собрани 605 638 тони комунален отпад од кој најголемо количество на собран отпад е измешаниот комунален отпад – 494 693 тони или 81,7 %, а најмало количество има отпадот од гума – 1 487 тони или 0,2 % од вкупното количество собран комунален отпад.
Во земјава не се води статистика колку од овој отпад се рециклира.