Најмалку 11 лица загинаа во вчерашната серија руски напади врз Украина, а Киев повика на дополнителна помош откако обезбеди ветувања од САД и Германија за испорака на модерни борбени тенкови.
Државната служба за вонредни состојби, исто така, соопшти дека 11 лица биле повредени во бомбардирањата за кои украинската војска соопшти дека вклучувале повеќе од 50 проектили и речиси дваесетина дронови камикази, пренесе ДПА.
Од нив, 85 отсто биле пресретнати, соопшти украинскиот врховен командант Валериј Залужњи на Телеграм.
Украинскиот министер за енергетика Херман Халушченко рече дека се погодени неколку инфраструктурни локации, што доведе до прекин на електричната енергија во регионите Одеса, Киев и Виница.
Меѓу жртвите е и 55-годишен маж убиен во Киев, изјави градоначалникот Виталиј Кличко. Уште двајца се повредени во главниот град.
Се наведува дека повеќе од 15 руски ракети биле пресретнати само во регионот на Киев.
Агенцијата за нуклеарна енергија на ОН, МААЕ соопшти дека во близина на нуклеарна централа Запорожјe, која е под руска окупација, вчера одекнаа силни експлозии.
Претседателот на МААЕ, Рафаел Гроси, кој ја посети Украина минатата недела, изјави дека вчера Агенцијата регистрирала силни експлозии во близина на најголемата нуклеарна централа во светот и уште еднаш повика околу нуклеарката да се воспостави „безбедна зона”.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го повтори повикот за дополнително оружје, вон борбените тенкови што треба да ги обезбедат неговите сојузници.
– Руската агресија може да се запре само со соодветно оружје. Терористичката држава нема да сфати ништо друго, рече тој во синоќешното видео-обраќање, укажувајќи на нападите кои се случија само неколку часа претходно.
– Секоја руска ракета против нашите градови, секој ирански дрон што го користат терористите е аргумент зошто ни треба повеќе оружје, рече тој.
Последниот бран напади беа извршени еден ден откако двајца од најважните добавувачи на оружје за Киев – САД и Германија – соопштија дека ќе испратат тешки тенкови за да им помогнат на украинските сили да ги вратат областите освоени од Русија на почетокот на 11-месечната инвазија.