Во периодот од 2 до 8 август, пријавени се 20 нови случаи на пертусис, народски кажано голема кашлица. Од нив, четири лица се хоспитализирани, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), објавен попладнево.
„Заклучно со 8 август, во Република Северна Македонија се регистрирани вкупно 1001 случај на голема кашлица, со инциденца од 54,5/100.000 жители. Тоа претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период – 2019 до 2023 година, кога се регистрирани вкупно 10 случаи“, пишува во извештајот.
Од вкупниот број на заболени лица – 1001, кај 994 биле регистрирани симптоми, додека болеста кај седуммина била во асимптоматска форма.
„Од вкупниот број на регистрирани случаи, 627 не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или нема доказ за вакцинација. Од случаите кои се комплетно вакцинирани – 278, просек на поминато време од последната доза на вакцина до заболување изнесува 13 години“, се додава во извештајот.
Од 18 јануари до 8 август, дадени се вкупно 63.133 дози вакцина со компонента против голема кашлица.
Во тек се три епидемии пријавени во ниво на територијата на Скопје, Куманово и на Тетово.