Во Македонија пристигна најавениот робот за молзење и е доставен кај корисникот, фармата „Пивко“, долгогодишен кооперант на Битолска млекара. Оваа инвестиција претставува заеднички проект на Бимилк и УСАИД чија цел е модернизација и унапредување на малите и средните фарми во Македонија. Употребата на овој современ метод за измолзување крави значително ќе ја зголеми продуктивноста и ќе придонесе за унапредување на процесот на млекопроизводството.
Зголемувањето на примарното млекопроизводството и на продуктивноста на кравите е решението за одржливоста на млечната индустрија и за зголемување на домашното производство. Тоа е клучот за намалување на трговскиот дефицит во млечната индустрија каде уште од пред десетина години вредноста на увозот повеќе од двојно ја надминува вредноста на извозот.
– Зголемувањето на примарното млекопроизводство ни е приоритет број еден како компанија најголем преработувач и откупувач на млеко и тоа го правиме во интерес на граѓаните и да даде вредност на подолг период. Само на овој начин, со модернизација и употреба на современи средства, ние како компанија можеме да помогнеме и да влијаеме врз зголемувањето на млекопроизводството и за гарантирање одржливост на целата индустрија, којашто се базира токму врз фармерите млекопроизводители. Ова е една од системските промени што можат да го спречат натамошниот пад на суровинската база. Затоа што ако се фармерите млекопроизводители силни, опстанат и се спроведе развојната база, има добра иднина и за сите нас. Нити има млечна индустрија без партнери, ниту фармерите можат да опстојат ако нема силна млечна индустрија којашто ќе продава не само во земјата туку и во странство. Затоа кооперантите се нашите најважни партнери и на секој можен начин работиме за подобрување на нивната состојба – истакна Ѓорѓи Петрушев, генерален директор на Млекара АД Битола.
Фармата „Пивко“ е во водечките 10 фарми според производство на млеко, а една од најдобрите според инфраструктурата и организираноста и прва каде ќе се користи овој робот. Моделот Fullwood M2erlin од Milkomax Solutions laitières е често применет и веќе докажан дека преку автоматизираните процеси придонесува за зголемување на продуктивноста на кравите и добивање поквалитетно млеко.
– Со голема нетрпеливост го очекувавме роботот за измолзување затоа што знаеме дека тука е нашата иднина. Години наназад се соочуваме со недостаток на работна рака што многу влијаеше на нашата продуктивност, а самите како фарма не можеме да инвестираме во ваква модерна опрема. Како долгогодишен кооперант на Битолска млекара редовно добиваме помош во опрема главно за подобрување на продуктивноста и квалитетот на млекото, но обезбедувањето на овој робот за измолзување е голем и вистинскиот чекор кон развојот на нашата фарма – истакна сопственикот на фармата „Пивко“, Стево Пивковски.
Битолска млекара е долгогодишен партнер на фармерите млекопроизводители. Оваа соработка е од самиот почеток на постоењето на компанијата – компанијата добива квалитетна суровина, а фармерите континуиран и постојан развој. Со инвестициите само во последните пет години вредни повеќе од 226 милиони денари е дадена поддршка преку опрема, поволни заеми како и сточна храна за фармерите. Вложено е во трактори, миксери за храна, шталска опрема, млечен систем, плугови, комбајн, сеалки за жито и друга опрема, којашто директно е наменета за зголемување на количините и квалитетот на суровото млеко, чија цена денес е зголемена за околу 65% во однос на просечната цена во 2017 година.
Освен материјалната помош, Бимилк одржува и редовна комуникација со фармерите, организира обуки, едукација и консултации со цел подигнување на стандардите на работа, квалитетот на млекото и продуктивноста.
Роботот за измолзување е обезбеден во партнерство со проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем, со кој Битолската млекара неколку години по ред, преку билатерални меморандуми за соработка, дава поддршка за семејни фарми со развоен потенцијал.