– Набавка на опрема, поставување фотоволтаици за обезбедување еко-енергија за сопствените потреби, проширување и опремување на магацински простор, развој на нови производи, се дел од инвестициите што ги реализира Витаминка како резултат на финансиската помош од Законот за финансиска поддршка на инвестиции. Дел од овие инвестиции денеска ги видоа и претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски и министерот за економија Крешник Бектеши.
„Оваа реномирана компанија ги користи придобивките на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, како и на владината мерката за финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста на деловните субјекти во пост КОВИД периодот. По основа на оваа мерка речиси 400 компании, добија вкупна финансиска поддршка во износ од 17.2 милиони евра. „Витаминка“ е компанија која вложува во нови вработувања, реализира капитални инвестиции, ја зголемува конкурентноста и освојува нови пазари. Токму затоа и ги исполнува условите за користење на средства овозможени со Законот за финансиска поддршка за инвестициите преку кој пак поддршка добија повеќе од 350 компании во земјата. Петгодишниот инвестициски проект на „Витаминка“ треба да се реализира до крајот на годината. Досега се инвестирани 419 милиони денари, а согласно планот, инвестицијата ќе достигне 702 милиони денари. До овој момент исплатената државна помош изнесува 68 милиони денари. Со Планот за економски раст, кој е во функција токму преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции и Среднорочната програма за поддршка на микро, мали и средни компании на Фондот за иновации и технолошки развој, само во 2021 година, македонското стопанство е подржано со 48,5 милиони евра“, изјави Ковачевски и потсети дека беа донесени и имплементирани шест пакети антикризни мерки, кои се проценети на вредност од околу 1,2 милијарди евра, за спас на работните места и одржување на ликвидноста на компаниите“, истакна премиерот Ковачевски.
Досега спроведените инвестиции во Витаминка отворија простор и создадоа услови за дополнително проширување на компанијата, зголемување на капацитети и на производството, истакна генералниот извршен директор на Витаминка Сашо Наумоски:
„Развојот на компанијата, инвестициите и создавањето услови за долгорочна одржливост отсекогаш се дел од стратегијата на Витаминка. Инвестициите што ги вложивме во изминатите години, даваат резултат. Се соочуваме со кризни години. Тешки години за земјава. Токму во вакви години делумно со средствата доделени како помош од Владата успеавме да инвестиравме во купување на опрема, во фотоволтаична централа за сопствено производство на струја, проширување и опремување на магацински простор, развој на нови производи и за реконструкција и надградба на систем за автоматско управување со мулдинг линијата за производство на чоколада. Сите овие инвестиции влијаат врз работата на Витаминка и се во насока на унапредување, модернизација и автоматизација на техничко-технолошките процеси.
Тоа придонесува Витаминка континуирано да се проширува со поголема достапност на пазарите, во производството и производните капацитети, а сето тоа позитивно се одразува и врз пазарот и граѓаните.
Фабриката за масло во Штип, која ја купивме пред 4 години, денеска работи како дел од Витаминка и го снабдува домашниот пазар со дури 40 отсто од вкупната потреба на масло за јадење. Од целосното производство на Витаминка, 47% се пласира на странските пазари и тоа во над 30 земји. Работата на Витаминка, со овие бројки и показатели се одразува и врз домашната економија и економските параметри, а во моментов, кога сите се соочуваме со неизвесност предизвикана од случувањата на светските пазари, Витаминка работи во полн капацитет и со континуирано производство непрекинато ќе го снабдува пазарот со масло за јадење и другите основни производи“, истакна генералниот извршен директор на Витаминка, Наумоски.
Компанијата беше корисник и на средства за финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста на деловните субјекти во текот и во пост Ковид периодот, средства коишто беа искористени за фотоволтаична централа и вложување во фотоволтаици за производство на струја, за опрема за производство и лабораториска опрема, за реконструкција на објекти и за реконструкција и надградба на систем за автоматско управување со мулдинг линијата.
Витаминка е основана во 1956 година, како компанијата за производство на само еден производ, црвен пипер, а денес располага со производна палета од околу 350 пакувања производи во 20 различни категории. Во фабриката во Прилеп и фабриката Брилијант во Штип вработува околу 700 лица. Со својата обемна општествена одговорност и активност е еден од најголемите поддржувачи и помагачи на заедницата, со чести донации за социјално загрозени семејства, хуманитарни организации, донации и спонзорства во спортот, образованието и културата.