Во Кривичниот законик внесени високи затворски казни

Lorita
By Lorita 2 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Лекарската комора, како професионално здружение на сите доктори по медицина во нашата земја, го поздравува носењето на измените на Кривичниот законик со кои вербалното и физичкото насилство над лекарите и другите здравствени работници се смета за кривично дело „спречување службено лице во вршење службено дејствие” и соодветно ќе се казнува, велат од Лекарската комора.

Со новите измени во Кривичниот законик е одредено дека делата како употреба на сила, сериозни закани, навреда, малтретирање, задавање телесни повреди или закана со употреба на оружје кон лекар или друг здравствен работник при вршење на нивните професионални задачи се кривични дела за кои е предвидена казна затвор од шест месеци до пет години.

– Лекарската комора подолг период во соработка со надлежните институции работеше на подготовка на новите законски решенија, при што беа донесени измените на Законот за здравствена заштита, а сега со носење на измени на Кривичниот законик се заокружува процесот, кој треба да создаде побезбедна околина за вршење на здравствената дејност, што ќе биде корисно како за здравствените работници, така и за пациентите, истакнуваат од Лекарската комора.

Оттаму потенцираат дека носењето на овие законски измени е особено значајно бидејќи доаѓа во време кога се регистрираат зачестените физички и вербални напади врз здравствените работници и потребно е да се превенираат нови и посериозни инциденти.

– Лекарите и другите здравствени работници имаат право да ги извршуваат своите работни обврски без да бидат под притисок на закани по нивниот живот и безбедност и не смее да се дозволи тие да бидат мета на незадоволството на пациентите. Лекарите и пациентите само преку заедничко делување и соработка можат да постигнат изнаоѓање на решение за предизвиците во пружањето на здравствената заштита, кои најчесто се должат на системски проблеми за чие решавање е потребен општ консензус, велат од комората.

Лекарската комора ги повикува своите членови да ги пријавуваат инцидентите со кои се соочуваат, и вели дека продолжува да пружа помош и поддршка и будно да го следи постапувањето на надлежните институции.

Share This Article