Над 10 милиони хектари шумско земјиште изгореа годинава во Канада, што е најмногу досега во таа земја, велат властите, кои проценуваат дека шумските пожари ќе траат со недели.
Пред оваа година, најмногу шума беше изгорена во 1989 година – 7,3 милиони хектари, според канадскиот меѓуагенциски центар за шумски пожари.
Оваа година во Канада имаше 4.088 пожари, од кои многу зафатија стотици илјади хектари.
Поради пожарот повеќе од 150.000 луѓе се раселени.
Размерите на пожарите и нивната мноштво се такви што надлежните не можат да интервенираат и затоа најголем дел од пожарите оставаат да изгорат до крај. Шумите претежно горат далеку од населени места, предизвикувајќи сериозни последици за животната средина.
„Бројките оваа година се полоши од нашите најпесимистички сценарија“, изјави за AFP Јан Булангер, истражувач во канадското Министерство за природни ресурси, додавајќи дека од почетокот на мај „нема одмор“.
Во Канада денеска има 906 активни пожари, од кои 570 се надвор од контрола. Ниту една провинција не беше поштедена.
Канада, која поради својата географска положба се загрева побрзо од другите делови на планетата, во последните години се соочува со екстремни временски настани, чиј интензитет и зачестеност се зголемени поради климатските промени.