Во изминатите денови била испратена закана за бомба до музејот Лувр во Париз, објави порталот Фигаро.
„Имаме намера да ги кренеме во воздух ’Мона Лиза‘ и многу други ремек-дела. Само предупредување: 100 килограми Ц-4 прават голема штета“, гласела заканата напишана на англиски и испратена преку онлајн формуларот за контакт со музејот.
Заканувачката порака била потпишана со „Основачки татковци на Конфедерацијата“, термин што се однесува на 36-те мажи кои присуствувале на неколку конференции во 1860-те и ги обединиле колониите на британска Северна Америка во Канада.
По приемот на заканата, која била испратена во 3.47 часот на 17 март, бил извршен темелен претрес на зградата, но ништо не било пронајдено.
Вторпат за краток период е загрозен некој познат музеј. Имено, во октомври 2023 година, „Лувр“ и Версајската палата беа евакуирани откако беше пријавена бомба. При претресот на двете места не беше пронајдено ништо сомнително и тие беа повторно отворени за јавноста следниот ден.
– Безбедноста на музејот и на нашите посетители е со најголем приоритет. Имаме високи стандарди во оваа област. По ваков тип предупредување постапуваме според многу прецизен протокол кој не сакаме да го споделиме поради доверливост – рече портпаролот на Лувр.
Истрагата за инцидентот сѐ уште е во тек. Демонстранти од групата за климатски активизам неодамна фрлија супа од тиква врз „Мона Лиза“. Скапоцената слика на Леонардо да Винчи инаку виси зад непробојно стакло и не е оштетена од нападот.
Како едно од најпознатите светски ремек-дела, „Мона Лиза“ била цел на различни напади низ годините. Во 1956 година, вандал фрлил киселина врз неа, сериозно оштетувајќи ја долната половина на сликата. Во друг инцидент бил фрлен камен што го пробил заштитното стакло и било отстрането мало парче пигмент во пределот на левиот лакт на моделот на сликата.