Во Албанија, односно во Тирана имаше улични судири за време на протестите против премиерот Рама. Демонстрантите ја обвинуваат власта за корупција и сузбивање на опозицијата.
Во Албанија, во главниот град Тирана, имаше сериозни немири. Илјадници демонстранти се судрија со полицијата и фрлаа молотови коктели врз владините згради. Безбедносните сили употребија солзавец за да ја растераат толпата. Ангажирани се над 1.000 полицајци, пишува ДВ.
Судири избија пред седиштето на премиерот и седиштето на неговата Социјалистичка партија, при што демонстрантите запалија плакат со фотографија на премиерот Еди Рама. Демонстрантите извикуваа: „Долу диктатурата“.
Обвинувања за корупција
Нередите се проширија и во областите пред МВР и пред седиштето на градоначалникот на Тирана, кој е и член на владејачката партија. И таму дошло до конфликт меѓу насобраната толпа и полицијата. Според официјалните податоци, повредени се десет полицајци.
Демонстрантите ја обвинуваат владејачката Социјалистичка партија на Рама за корупција, непотизам, изборна измама, влијание врз судството и обиди да се замолчи опозицијата. „Придружете ни се, ова е граѓанска непослушност“, извикуваше учесникот на протестот Ергес Ескиу. „Сите левичари и десничари, пензионери и студенти, сите сте ограбени.
Лидерот на опозицијата во притвор
Демонстрантите протестираат и против куќниот притвор на главниот опозициски лидер, поранешниот премиер Сали Бериша. Тој беше обвинет за корупција за време на неговиот мандат.
И Демократската партија на Бериша минатата недела организираше протести пред парламентот, откако политичар од таа партија беше осуден за клевета на министерот за внатрешни работи и беше уапсен. Уапсениот Ервин Салијањи ја обжали пресудата до Врховниот суд.
Демократската партија, која периодично и насилно протестира против владата од 2013 година, бара ослободување на Бериша од судски притвор. Поранешниот премиер ја критикуваше истрагата што се води против него и апсењето како чин на политичка репресија, зад која, според него, стои актуелниот премиер Еди Рама.