Низ Битола, деновиве неофицијално се зборува за околу 450 нови вработувања на партиски послушници во РЕК Битола, а во цело ЕСМ таа бројка достигнува 700, објави ВМРО-ДПМНЕ.
„Новина е дека на тендерот кај ЕВН ХОМЕ победи ЕСМ, но со 7,5 % повисока цена од минатиот тендер. Секако на јавноста добро ѝ е познато дека ова зголемување значително ќе влијае на крајната цена кај домаќинставата и малите потрошувачи. Сам по себе се наметнува заклучокот дека сите ние ќе ги платиме од свој џеб овие нови вработувања на 700 партиски војници, преку повисоката цена на струјата. Дури и она мало предизборно ‘частење’ на Бислимоски со враќање на евтината тарифа за домаќинствата кое едвај би се почувствувало, сега се стопи поради ова енормно покачување од 7,5%“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата прашува дали за да го купат социјалниот мир сега регулаторите ќе удрат по цената на малите потрошувачи, обидувајќи се да ги заштитат домаќинствата од ценовен шок?
„Но, тоа би значело повторен удар врз економијата, бидејќи малите потрошувачи се т.н. ‘мал бизнис’, кој исто така плаќа даноци и го полни буџетот! Како и да е, некој ќе го извлече подебелиот крај, а со оваа власт на СДС и ДУИ тоа се сите граѓани на Република Македонија“, се заклучува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.