Фрапантно е тоа што Бујар Османи се посрамоти и како министер кој е обврзан да ги спроведува Уставот и законите покажува елементарно непознавање или свесно ги крши, а со тоа директно предизвикува етничка нетрпеливост, реагираше ВМРО-ДПМНЕ.
Реакцијата дојде по средбата на министерот Бујар Османи со неговиот шпански колега Хосе Мануел Албарез Буено, на која македонскиот министер го користел албанскиот јазик.
„Согласно уставот, единствен официјален јазик за меѓународна употреба е македонскиот јазик. Тоа е утврдено во амандманот 5 став 1. Во овој амандман ставот 1 јасно вели дека службен јазик на целата територија на Македонија и во меѓународните односи е македонскиот јазик. Ставот 2, пак, укажува дека службен јазик кој го зборуваат 20% од граѓаните е службен јазик на територијата на Република Македонија, но не е официјален јазик за меѓународна употреба. Јасна дистинкција е направена во уставот за тоа кој е официјален јазик за меѓународна употреба, а тоа е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо“, појасни портпаролката Марија Митева.
ВМРО-ДПМНЕ бара Османи да престане да ја манипулира јавноста, затоа што дури и во Законот за употреба на јазиците во ниту еден член и во ниту еден став не се споменува дека друг јазик наместо македонскиот е официјален јазик во меѓународните односи.
„Би сакале да го информираме Бујар Османи и за ставот на Врховниот суд кој вели дека Уставот може и директно да се применува што воедно и спасува од погрешна примена на ваквите неуставни закони донесени со обично мнозинство. Затоа, бараме извинување, одговорност и оставка од Бујар Османи за нарушување на угледот на државата преку непочитување на уставот и законите“, изјави Митева.
И професор4ката Мирјана Најчевска на Фејсбук потсети дека „во Уставот не е предвидено службен јазик во меѓународна употреба да биде друг јазик освен македонскиот“. Најчевска напиша и дека „на министерот ова треба да му го објасни правната служба во министерството“.