Буџетот за 2025 година, предложен од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, се претставува како развоен концепт кој носи суштински промени во здравството. Според предлог-буџетот, средствата наменети за здравство ќе изнесуваат 7.5 милијарди денари, што е зголемување од 25% во однос на 2024 година, кога беа предвидени 5.9 милијарди денари.
„Со овој буџет, Владата вложува значителни средства во изградба, реконструкција и доградба на здравствените објекти, како и во набавка на современа медицинска опрема за јавните здравствени установи. Нашиот приоритет е здравството да стане модерен систем што ќе ги задоволи потребите на граѓаните“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што информираат од партијата во предлог-буџетот се издвоени средства за реконструкции на ЈЗУ Општа болница Кичево, Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид и Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје.
Дополнително, продолжува изградбата на Клиничката болница во Штип, која претставува едно од предизборните ветувања на партијата. Предвидени се и активности за реновирање на Здравствениот дом во Скопје и Клиниката за психијатрија, заедно со други установи.
„Со вложувањето во современи објекти и опрема, ВМРО-ДПМНЕ го исполнува ветеното. Нашиот фокус е здравството да ги става пациентите и граѓаните на прво место“, велат од партијата, нагласувајќи дека ова претставува трансформација на здравствениот систем во Македонија.
Владата ја презентира оваа програма како одговор на „урнисаната економија и отсуството на развоен концепт во изминатите седум години“ од претходната власт, додавајќи дека буџетот за 2025 година ги адресира најсуштинските потреби на граѓаните.