Сè уште е неизвесно како ќе изгледа новата методологија за пресметка на данокот на моторни возила и како таа ќе се одрази врз џебот на граѓаните кои во иднина ќе купуваат ново или старо возило. Министерството за финансии заедно со засегнатите страни подолг период работи на методологијата која е проект финансиран од Светска банка, но засега нема детали од тоа што се договара и какви ефекти ќе предизвика.
Трговците на нови и стари возила различно ја толкуваат методологијата
Борци за чист воздух и за чиста животна средина, пак, велат одлуката каква и да биде мора да придонесе за заштита на воздухот во земјава, посебно во поголемите градови каде што моторните возила се добар дел од загадувачите. Дополнително треба да се има предвид дека со натамошното зголемување на увозот на стари возила се наметнува проблемот уште повеќе зашто државава нема план за уништување или за складирање на стари возила како отпад.
Она што досега се знае во однос на прашањето е тоа дека новата пресметка на данокот на возила ќе ги засегне одредени категории возила со поголеми мотори, но и оние што имаат поголема емисија на јаглерод диоксид во воздухот.
Вчера се одржа една од средбите на кои се усогласуваат ставовите за методологијата на пресметка на данокот на Министерството за финансии и засегнатите страни, но ништо ново не се дозна од оваа средба.
Министерството за финансии молчи, трговците се борат да нема влијание врз цената
Од Министерството за финансии ништо не соопштија по средбата, а не одговорија и на нашите прашања поврзани со разјаснување на процесот на донесување и промените кои ги содржи новата методологија, ниту за тоа како таа ќе влијае на цените на возилата.
Претставниците на трговците на возила по средбата само изјавија дека нивната цел при донесување на методологијата е да нема финансиски ефект. Тие велат дека целта на методологијата е да се направи корелација помеѓу NEDC и WLTP методологијата за да можат возилата рамноправно да бидат оданочени при нивното пуштање во слободен промет.
Трговците со нови возила кои ги контактиравме велат дека во практика нема многу нешто да се смени во однос на цената на возилата.
– Се очекува оваа измена на методологијата, да нема големо влијание кај новите возила со еуро високи стандарди, а воопшто нема да влијае на електричните возила. Сепак, на удар ќе бидат околу 5 до 10% од најсилните возила, но со сигурност не може да се каже. Можна промена ќе има кај старите возила со пониски стандарди и пониска вредност кај кои ќе се пресметува некој процент на данокот. Но, ова сè уште е само неофицијално кажано, бидејќи нема конечен договор за да може точно да се каже дали новата методологија ќе ги поскапе новите или старите возила, иако факт е дека секогаш во земјава предност им се дава на старите возила. Така е веќе 13 години од кога се донесе одлуката за увоз на стари возила – велат трговци на нови возила.
Овие трговци велат дека продажбата на возила со новата методологија видно нема да се намали.
– Кај нас продажбата на нови возила подолг период е на стабилно ниско ниво. Веруваме дека и така ќе состане во наредниот период, но очекуваме барем некакви стандарди да се донесат во однос на употребуваните возила – коментираат тие.
Во другиот табор, пак, се говори дека новата методологија ќе ги поскапи старите автомобили кои се поголеми загадувачи, односно дека возилата кои имаат цена до 10.000 евра ќе треба да поскапат за 1%, а кај поголемите загадувачи данокот ќе се зголеми двојно. Тоа, велат од плацовите за продажба на стари автомобили, ќе значи намалување на продажбата.
– Ако досега за автомобили до 10.000 евра не се плаќаше данок, сега тој ќе изнесува 1%, односно 100 евра, бидејќи со овие измени на методологијата за пресметка на данокот се предвидува данокот да се плаќа во зависност од кубикажата, а не од вредноста на возилото. Така се предвидува данок да се плаќа само за автомобили со јачина на мотор повисока од 1.500 кубици – вели сопственик на плац за продажба на стари возила.
Еко активистите инсистираат да се почитуваат стандардите
Борците за чист воздух и за чиста животна средина велат дека Министерството за финансии мора да размислува за три аспекти при утврдувањето кое возило ќе биде оданочено повисоко, а кое пониско, високото загадување на воздухот во кое големо учество имаат возилата, големиот број возила, на ограничен капацитет на патиштата и улиците и начинот на депонирање на возилата како отпад.
– Познато е дека во Скопје, а мислам дека и во другите градови, еден од загадувачите на амбиенталниот воздух се токму возилата. Исто така се знае дека за неколку години бројот на регистрирани возила во земјава се искачи на половина милион што е огромна бројка која се движи низ улиците и патиштата. Капацитетот на улици во градовите не е соодветен на оваа бројка на возила, а во Скопје тие треба да прифатат и дневен голем прилив на возила од другите градови. Сето тоа, прави притисок не само во однос на проодноста на улиците туку и врз напорите да се обезбеди чист воздух за жителите – вели професорот Здравко Савевски, кој е еден од борците за чиста животна околина.
Тој додава дека, со увозот на голем број стари возила се создаде уште еден проблем во однос на одлагањето на отпадот од стари возила.
– Земјава нема решение за одлагање на отпадот кој се создаде со одлуката да се исфрлат од употреба старите возила, со увоз на употребувани возила од кои Европа се ослободува. Тоа дополнително ја прави состојбата алармантна покрај големиот број возила кои се движат на нашите патишта – вели тој.
Според него, решение на проблемот е да се вложи во јавниот сообраќај за да се намалат турканиците од возилата на улиците со што ќе се намали и загадувањето.
– Нека вложи владата од оној дел со кој ги зголеми платите на функционерите за 78% во купување еколошки автобуси и нека инсистира граѓаните да го употребуваат јавниот сообраќај наместо да се возат по еден во возило и да стојат по 15 минути на семафор и да го загадуваат воздухот – вели тој.
И поранешниот градски архитект на Скопје Никола Велковски вели дека градовите, посебно Скопје се задушуваат од автомобили, а инфраструктурата нема капацитет за тоа.
– Во вакви услови предност треба да му се даде на јавниот сообраќај, бидејќи центарот на Скопје на пример веќе не може да одговори на потребата за одвивање на нормален сообраќај. Затоа се потребни повеќе вложувања во јавниот превоз како во однос на еколошката структура на возилата, така и во различните начини на реализирање на тој сообраќај – вели Велковски.
Што всушност се WLTP и NEDC?
И WLTP и NEDC се процедури за тестирање на емисиите. Тие се дизајнирани да реплицираат, колку што е можно повеќе, како автомобилот обично се користи на патот. WLTP е најновиот сет на стандарди додека NEDC беше негов претходник. Постојат големи разлики помеѓу двете. Не само што WLTP тестот трае 30 минути, што е 10 минути подолго од NEDC, туку потребни се и до 5 дена за обработка. Поминатото растојание е исто така подолго со 23,25 километри во споредба со оригиналните 11 километри.
Резултатите од овие испитувања треба да им помогнат на граѓаните да донесат подобри одлуки за лизинг или купување на возило.
Како се пресметува сега данокот на возила?
Во земјава не се плаќа акциза за возила, но затоа се плаќа данок за возила се состои од две компоненти: вредноста на возилото и влијанието на возилото врз животната средина – според емисијата на СО2 што е хомологирана и пријавена од производителот.
Од 1 јануари 2020, возила што вредат до 10.000 евра се ослободени од плаќање данок, односно од првиот дел од данокот што се однесува на вредноста на возилото.
Во овој закон втората компонента, односно еко компонентата е важна при утврдувањето на данокот. Во уредбата за начинот на пресметка на данокот се утврдени граничните вредности на СО2 според кои за возила што испуштаат меѓу 171 и 190 грами СО2 на километар, се плаќа по 160 денари за секој грам, доколку станува збор за возило со бензински мотор – најважно е нивната вредност да не надминува 10.000 евра. Во случај на дизел-мотор, секој грам чини по 220 денари.
Данокот на моторни возила сега, според уредбата за негова пресметка која е произлезена од Законот за возила, се пресметува според следната формула: ДМВ = (ВМВ x пВВ) x СКД + СО2 x кСО2, при што: – ДМВ е данок на моторно возило изразен во денари; – ВМВ е вредност на моторното возило искажано во евра; – СКД е среден курс на Народната Банка на Република Северна Македонија на денарот во однос на еврото на денот на пресметката; – пВВ е процент кој одговара за граничните вредности на моторното возило; – CO2 е емисија на CO2 за соодветното моторно возило и – кCO2 е коефициент кој одговара за граничните вредности на CO2.
Во уредбата и законот постојат две табели од кои се користат податоците за емисиите на гасови и коефициентот на оданочување. Пресметката е лесна.
Како ќе изгледа новата пресметка веројатно ќе дознаеме деновиве.