Ако не бидат изгласани уставните измени и ако не ги внесеме Бугарите во Уставот, тогаш дефинитивно влегуваме во изолација и ќе бидеме дел од семејството држави без долгорочна перспектива, тврдат високи претставници на власта.
Првата варијанта, велат тие, е завршување на уставните измени и продолжување, односно отворање на првото Поглавје, додека, пак, втората варијанта е незавршување на уставните измени и прекинување на преговорите, со тоа што Албанија сама ќе ги продолжи преговорите со Унијата, а Македонија ќе влезе во декада на целосна изолација.
Во предупредувачката акција директно се вклучи и актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи, кој воопшто не трошеше зборови за сликовито да ни претстави дека Европската Унија е нашиот кислород без кој ќе се задушиме и без кој не можеме да живееме.
На брифингот со новинарите тој не ја пропушти ниту можноста да ги спомне и меѓуетничките односи, односно опасноста од нивно евентуално нарушување доколку не бидат изгласани уставните измени и не бидат внесени Бугарите во Уставот.
Дел од политичките експерти со коишто разговараше Плусинфо оценуваат дека се работи за класична „баба Рога“ кампања, односно за обид на властите да влеат страв во коските на сопствениот народ и на таков начин да извлечат „благослов“ за уставните измени.
Други, пак, сметаат дека треба сериозно да се сфатат владините предупредувања, бидејќи, како што велат, власта во неколку наврати докажала дека е „валкан играч“.
За трети, предупредувањата од властите се навремени и тие реално ја отсликуваат состојбата во којашто би се нашла земјава доколку не бидат изгласани уставните измени.
Дежа ву!
Поранешниот пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, ја смирува топката и му порачува на народот дека воопшто не треба да се плаши од евентуално нарушување на меѓуетничките односи.
– Цели 20 години на истиот начин се врши притисок врз македонскиот народ за да отстапува од еден куп свои позиции. Тоа посебно е изразено во последните 5-6 години во кои сите крупни одлуки се донесени без поддршка од мнозинскиот македонски народ: Преспанскиот договор, Законот за јазици, прифаќањето на Францускиот предлог… Покрај тоа, во неколку наврати, изборот на највисоките државни органи во Македонија се случува без поддршка од мнозинството Македонци. Ваквите манипулации со меѓуетничките односи од страна на Владата апсолутно не можат ништо друго да донесат освен нестабилност. Македонскиот народ не е должен да трпи да се носат многу важни одлуки во негово име, а без негово учество – објаснува Димовски.
На прашањето каква ќе биде иднината на Македонија доколку не се изгласаат уставните измени и доколку не се внесат Бугарите во Уставот, тој вели дека ништо специјално нема да се промени, освен што ќе се зголеми потребата од предвремени парламентарни избори.
– Единствено нешто што ќе се оствари е потребата од предвремени парламентарни избори, а всушност власта најмногу се плаши токму од тоа. Што се однесува до народот, тој не треба воопшто да се плаши од евентуално нарушување на меѓуетничките односи во земјата – вели Димовски.
Срамна кампања
Заплашувачката фаза од кампањата на власта, според поранешниот амбасадор Ивица Боцевски, е крајно срамна фаза.
– Мислам дека кампањата на власта влегува во една срамна фаза штом се потегнува темата заплашување со меѓуетнички тензии, изолација и со останатиот дел од веќе излитениот репертоар. Нема да биде лошо власта да се потсети на познатата изрека на Абрахам Линколн „Може да лажеш малку луѓе цело време, може да ги лажеш сите луѓе некое време, но не можеш да ги лажеш сите луѓе цело време“. Македонците со право го отфрлаат предлогот на Димитар Ковачевски и Кирил Петков затоа што внатре се кријат преголеми опасности за македонскиот идентитет. За жал, политичките опортунисти повторно се подготвени да влезат во нови и беспотребни авантури, но веќе им измина времето. Надворешната политика на експремиерот Зоран Заев претрпе целосен дебакл – истакна Боцевски за Плусинфо.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, пак, смета дека предупредувањата што ги испраќа власта треба да ги сфатиме сериозно.
– Реални се предупредувањата што ги испраќа власта. Видовме дека властите се подготвени на сѐ само за да го остварат тоа што го посакуваат. Го поминаа договорот со „Бехтел и Енка“ без разлика на коруптивноста, нетранспарентноста и без разлика на тоа што самата ЕУ им кажа дека не може законите да се менуваат со европско знаменце. И што се случи? Ништо. Така што, искрено верувам дека властите се апсолутно спремни на сѐ. Таа политика на константна попустливост и сервилност од страна на СДСМ покажа дека ги оправдува своите цели, а од друга страна, тука е ДУИ чии приврзаници не водат премногу грижа за македонските интереси – посочува Пекевски.
Помал ризик
Професорката по политички науки Мирјана Малеска повикува за прифаќање на измените на Уставот заради впишување на Бугарите во него како „помал ризик“, според неа.
– Да, постои неизвесност и извесен ризик од вклучување на бугарското малцинство во Уставот, но неспоредливо поголем е ризикот Македонија да не ги продолжи пристапните преговори, да го изгуби компасот и да заостане зад соседите. Тоа ќе го заостри конфликтот мегу Скопје и Софија, ќе го растргне општеството однатре и ќе створи потенцијал за регионална нестабилност. Нема време за „игра на тронови“, а не сум сигурна дека меѓународниот контекст дозволува такво нешто – вели Малеска.
Сите што ова го разбираат и ја сакаат земјата, порачува таа, со две раце ќе го прифатат помалиот ризик и ќе ги поддржат уставните измени.
– Претпоставувам дека опозицијата е исто така во дилема: дали ќе гледа краткорочно да ги добие овие избори или ќе ја гради својата позиција како општествено одговорна партија – вели професорката.