Ќе има ли доволно храна и други неопходни производи за преживување и за нормално функционирање во земјава, ако се разгори конфликтот во Украина и се наруши пазарот на храна во Европа? Владата вели земјава располага со доволни количини на прехранбени производи во стоковите резерви, но се прави анализа дали се потребни дополнителни количини со оглед на можноста да се наруши пазарот на прехранбени производи поради неизвесноста со кризата околу Украина.
Дека се потребни дополнителни резерви, иако државата има законска обврска да чува резерви од најнеопходните производи за населението, се согласуваат и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, како и од редовите на земјоделците и на компаниите.
Од Владата информираат дека надлежните министерства вршат консултации за набавка на дополнителни количини на стоки во стоковните резерви.
Од министерството за финансии кое е одговорно за стоковите резерви велат дека има доволни количини резерви на пропишаните со закон производи.
– Стоковите резерви располагаат со доволни количини на прехранбени стоки, а дополнително и на страната на понудата на пченицата како стратешки производ нема ограничување – велат од Министерството за финансии.
Оттаму додаваат дека и во Буџетот за годинава се предвидени дополнителни средства за таа намена, иако агенцијата за стокови резерви има обезбедено пари преку самофинансирање.
– Во Буџетот за 2022 година повторно се предвидени средства за набавка на дополнителни количини на стоки за дополнување на стоковните резерви, покрај средствата кои се предвидени од сметката за самофинансирачки активности на Агенцијата за стоковни резерви – велат од Финансии.
Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ, кој во еден период беше и заменски министер за земјоделство вели дека во кризни услови е добро да има обезбедено плус количини на одредени производи од она што го имаме во стоковите резерви.
– Дополнителни количини е добро да се има во државни резерви. Ние сме увозно зависна земја, а дел од увозот на пченица и пченка го реализираме и од Украина. Се разбира од Србија увезуваме најмногу, но увезуваме и од Украина и другите источноевропски земји, затоа е потребно да се има плус во резерва – вели Трипуновски.
Тој потсетува дека државата мора годишно да ги обновува резервите.
– Законски треба да се обезбедат одредени количини на производи кои се од витално значење за населението и се надевам дека државата тоа и го направила. Да потсетам дека лани имавме интервенција од резервите на пченица поради регулирање на пазарот и тие количини досега требаше да се обноват. Се надевам дека тоа е сторено, ако не ќе имаме проблем – вели Трипуновски.
Компаниите кои ги произведуваат главните прехранбени производи велат дека нивните резерви се ограничени и затоа државата е таа која треба да обезбеди доволни количини при закана од одредена криза.
– Мелничко – пекарската индустрија со оглед на финансиските можности најчесто има резерви на суровина од 1 можеби 2 месеца. Резервите кои ги имаме обезбедено во летниот период ги трошиме до крајот на годината, а потоа вршиме набавки според потребите и движењето на цената на пченицата на берзите. Но одлучувачки фактор секако е финансиската состојба на мелницата. Слична е и состојбата кај пекарската индустрија – вели Горан Малишиќ од групацијата на мелничко – пекарската индустрија во Стопанската комора.
И производителите на пченица велат дека евентуалното нарушување на пазарот поради евентуална криза во Украина би имала силно влијание на нашата земја.
– Ако една Србија која произведува пченица за извоз веќе набавила брашно и други производи, тогаш што станува за нас кои сме увозно зависни и од пченица. Значи ќе се почувствува кризата, ако не се обезбедат доволни количини на резерви на брашно или пченица. А ние како земјоделски производители кои одгледуваме пченица ќе имаме проблем со обезбедување средства за прихрана на посеаните површини кои се обезбедуваат од увоз, од Романија, Русија и други земји. Ние не посакуваме ваква состојба, но ако се случи ќе биде тешко за сите – вели Петре Стојановски, претседател на Асоцијацијата на земјоделци.
Според Законот за стокови резерви, резерви се формираат од производи кои се од исклучително значење за животот на населението и ги сочинуваат: пченица, пченка, јачмен, прехранбена сол, сурово сончогледово масло, нафтени деривати, лекови и медицински средства.
Стоковните резерви се чуваат и обновуваат во согласност со годишната програма за формирање на стоковните резерви. Собранието со среднорочната програма ги утврдува видот и количината на стоковните резерви, изразено во денови на потрошувачката согласно со билансите донесени од Владата.
Владата со годишната програма за стоковните резерви утврдува:
- вид, количина и вредност на стоките во стоковните резерви кои се набавуваат и обновуваат,
- рокови и начин на обновување, – износ на средства потребни за финансирање на годишната програма,
- изградба и купување на сместувачки капацитети,
- тековно и инвестициско одржување на постојните сместувачки капацитети во сопственост на државата
- други прашања поврзани со стоковните резерви.
Годишната програма за наредната година се донесува до крајот на тековната година, односно во рок од 30 дена од денот на објавувањето на Буџетот за тековната година.
Владата одлучува за користење, обновување, замена, отпис и отстапување на стоковните резерви.
Деновиве поради заканата за недостиг на храна на пазарите како резултат на кризата околу Украина, некои соседни земји веќе набавија дополнителни количини на пченица и други прехранбени производи.
Србија веќе нарачала 30 милиони килограми сол и 1 милион килограми грашок и грав, исто како и 30 милиони килограми брашно и млеко во прав. Оваа земја веќе преговара за обезбедување и на гориво. Ова го потврди и претседателот на Србија Александар Вучиќ.