Премиерот Христијан Мицкоски не очекува утре владата да реши за тоа кои производи за широка потрошувачка ќе се намалат и дали тоа ќе биде по пат на замрзнување на цените или на маржите. Тој најави дека можеби за една недела ќе биде донесена одлука за есенската кошничка.
Мицкоски денеска изјави дека владата ќе го чека резултатот од разговорот со производителите и со трговците.
– Утрово разговарав со министерот за економија да ги покани и производителите и трговците на состанок, за да се договори на каков начин ќе се реагира околу прашањето на високите цени на одделни производи. Ќе почекаме да видиме каков ќе биде предлогот – рече Мицкоски.
Владата нема намера на сила да донесе мерка, туку заедно со трговците и производителите. Премиерот рече дека тој е за пазарна економија и цени кои се формираат на пазарот, но предупреди дека владата мора да реагира на одделни однесување на трговците кои се богатат на грбот на граѓаните.
– Онаму каде што пазарната економија функционира е добро и не реагирамe, но таму каде што некој непристојно се богати на грбот на граѓаните, каде што има монопол, дуопол или триопол, ние ќе реагираме – рече Мицкоски.
Тој не кажа дали смета дека е подобро да се замрзнат цените или да се намалат маржите.
– Јас сум за праксата да престане ова богатење на грбот на граѓаните – рече Мицкоски.
Во врска со реакциите на коморите за примената на законот за нефер трговски практики, премиерот рече дека очекува од нив да кажат што, всушност, предлагаат.
Фото: Freepik