Во август повторно ќе побараме прогласување на кризна состојба во електроенергетскиот сектор се со цел да имаме можност преку дополнителни мерки да интервенираме во зголемување на производството на електрична енергија од домашни капацитети, најави министерот за економија Крешник Бектеши на денешниот брифинг со медиумите на кој информираше за следните чекори и мерки кои ќе бидат превземени се со цел ублажување на ценовните шокови за граѓаните.
-Ќе ја имаме најтешката зима, ситуацијата е многу тешка и непредвидлива не зависи само од Северна Македонија и во земјите од регионот туку во зависност од тоа како ќе се одвива војната во Украина. Ние работиме на обезбедување на алтернативни начини за снабдување со енергенси, доколку имаме целосна забрана за увоз на гас за да може да работат и топланите и индустриските капацитети. Во делот на алтернативни извори согласно Законот е предвидено и да може да се префрлат на друг енерегенс односно на мазут – рече Бектеши.
Во однос на снабдувањето со гас за престојната грејна сезона, министерот рече дека се прават напори да се обезбедат и други извори на снабдување освен руски.
– Доколку успееме во соработка со „Булгаргастранс“ да ослободиме дел од капацитетите од гасоводот кој што го имаме со Бугарија којшто е целосно закупен од „Гаспром“, тогаш ќе може во услови доколку Русија ни ги стопре испораките на гас, да се снабдуваме со гас од Азербејџан или Турција – рече Бектеши.
Министерот информираше дека од страна на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) во текот на вчерашниот ден се обезбедени 100 милиони евра за ликвидноста на АД ЕСМ за да може во текот на годината да има средства да купува електрична енергија доколку има недостаток и да купува јаглен и мазут за домашните капацитети за производство на електрична енергија.
– Ќе се купува електрична енергија, но и јаглен и мазут. Планирано е да работат сите три блока во РЕК Битола, ТЕЦ Осломеј, ТЕЦ Неготино, а во моментов треба да ги сочуваме хидроенергетските капацитети за да имаме електрична енергија за зимскиот период – рече тој.
Во однос на пакетот на антикризни мерки којшто беше најавен, министерот Бектеши информираше дека ќе почне да се применува во септември и ќе важат до крајот на годината, а ќе бидат наменети за најранливите категории на граѓани.
Министерот информираше дека следната недела во рамки на иницијативата Отворен Балкан во Тирана ќе се одржат работни состаноци со министерите од Албанија и Србија каде се разговара и ќе се предложат мерки се со цел да се задоволат потребите за храна и струја за граѓаните на земјите во регионот.