Вкупно 29 лица ќе бидат 14 дена под медицински надзор, а станува збор за сите оние кои имале контакт со 27 годишната пациентка која беше касната од крлеж и која почина на Инфективна од Конго-кримска хеморагична треска.
Одлуката за здравствен надзор е поради тоа што болеста може да се пренесе и преку контакт со заразено лице, а не само преку каснување од крлеж.
– Во овие четиринаесет дена треба да бидат под континуиран здравствен надзор и доколку пројават некакви симптоми да се јават на лекарски преглед. Пожелно е да бидат дома и да бидат дома и да бидат во домашни услови, затоа е и здравствениот надзор и затоа се издаваат овие решенија. Вкупно се 29 луѓе од кои 23 се здравствени работници, а шест се од потесното семејство – вели доктор Рената Младеновска – Директор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Младата пациентка починала во четвртокот на Инфективна. Примена е во сериозно тешка здравствена состојба. За нејзината болест нема лек, изјави директорката на Клиниката, д-р Милена Стевановиќ. Смртноста од ова е огромна и се брои во над 40% од досега регистрираните случаи.
Д-р Стевановиќ вели дека не секој крлеж може да пренесе болест и не секое каснување од страна на ваков заразен инсект има иста клиничка манифестација.
– Со каснувањето од крлежот, влезен е инфектот. И тука се завршила приказната. Дали таа самата го вадела крлежот или пак некој од семејството, дали е дојдена во институција за да се извади крлежот – апсолутно нема никаква разлика повеќе. И тоа не може да се спречи. За жал, за оваа болест нема специфичен лек кој може ја лекува туку третманот се состои исклучиво од симптоматска и супортивна терапија – изјави д-р Стевановиќ.
Главоболка, температура, болки во грб и зглобови, повраќање – ова се само дел од симптомите кои може да се јават кај лице заразено со Конго-кримска хеморагична треска. Во Македонија и порано имало случаи, но се јавува ретко. Затоа препораките на здравствените лица се – внимателно во шумски предели. Лекарите препорачуваат сите оние кои ќе бидат каснати од крлеж да го вадат истиот на лекар, а не сами, бидејќи постои огромна можност делови од него да останат во телото на каснатото лице и тоа да предизвика дополнителни здравствени проблеми.