Во техничката влада која треба да ја предводи Талат Џафери, а која Собранието треба да ја избере в недела на 28 јануари, актуелниот вицепремиер за евроинтеграции Бојан Маричиќ ќе биде прв вицепремиер задолжен за европски прашања, додека Артан Груби останува вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците.
Маричиќ, пак, според најавите, ќе остане и заменик-претседател на Владата за европски прашања, позиција на која е во овој момент.
Ова, како што брифираат извори од власта, е дел од политичкиот договор меѓу СДСМ и ДУИ во пресрет на формирањето на преодната влада за организација на изборите.
Како што дознаваме, во техничката влада ќе нема промена на министрите, односно освен министрите за внатрешни работи и за труд и социјала и дополнителните заменици министри во ресорите финансии, информатичко општество, земјоделство, кои доаѓаат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, останува актуелниот владин состав.
ВМРО-ДПМНЕ синоќа на седница на Извршниот комитет ги утврди кандидатите за министри и дополнителни заменици министри.
За министер за внатрешни работи е предложен Панче Тошковски, актуелен претседател на правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ и долгогодишен адвокат.
За нов дополнителен заменик министер за финансии е предложена Елена Петрова, висок професионалец во областа на финансиите. Ѓоко Велковски е нов предлог за кандидат за министер за труд и социјална политика.
За нов дополнителен заменик министер за информатичко општество и администрација е предложен Стефан Андоновски, досегашен меѓународен секретар на партијата и советник во Советот на Град Скопје.
Цветан Трипуновски за дополнителен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.