Легендарниот Роналдо Назарио објави дека има намера да се кандидира за претседател на Бразилскиот фудбалски сојуз.
Колку и да е „вистинскиот“ Роналдо легенда не само на бразилскиот, туку и на светскиот фудбал, за да ја исполни оваа намера прво мора да ги исполни условите што Фудбалскиот сојуз на Бразил ги поставува пред кандидатите за претседател.
Кандидатот за прв човек на бразилскиот фудбал не може да биде сопственик или администратор во ниту еден клуб во земјата, па Роналдо најави дека ќе го продаде Ваљадолид кој го купи во 2018 година. Неговото раководство на клубот веќе е предмет на критики поради лошите резултати.
„Преговараме за продажба на клубот и се надеваме дека се ќе биде завршено наскоро. Тоа нема да ја попречи мојата кандидатура“, изјави Бразилецот во интервју за Глобо Еспорт.
Изборите за претседател на ФС Бразил ќе се одржат помеѓу март 2025 и март 2026 година.
Во истото интервју Роналдо зборуваше и за своите планови за иднината:
„Со оваа објава сакам да испратам порака до претседателите на федерациите и клубовите. Јас сум кандидат за претседател на ФСБ. Имам големи, неверојатни планови. Но, пред да се обврзам да гласам, би сакал да разговарам со секој од нив лично. Затоа патувам во Бразил“.
„Имам неколку мотиви, но главниот е дека сакам бразилскиот фудбал да биде доминантен на глобално ниво. Не е нормално луѓето толку често да ме среќаваат на улица и да бараат да почнам повторно да играм бидејќи репрезентацијата е во незавидна ситуација и надвор и на теренот“, додаде тој.