Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ги повика САД да ги зголемат даноците за да го ограничат растот на дефицитот и нивото на јавниот долг, бидејќи неговиот раст се заканува и на САД и на светската економија.
Истовремено ММФ го поздрави „силниот и динамичен“ раст на најголемата светска економија и напредокот во ублажувањето на инфлацијата.
Во последниот извештај ММФ благо ја ревидираше прогнозата за растот на американскиот БДП годинава на 2,6%, во однос на претходните 2,7%, додека за следната година предвидува забавување на растот до 1,9%. Фондот очекува инфлацијата да се врати на очекуваното ниво од околу 2% до средината на 2025 година.
Според ММФ, и натаму проблем на САД е растечкиот дефицит кој, доколку продолжи, ќе го зголеми соодносот на долгот и БДП на алармантни 140% до крајот на деценијата.
Оценка на ММФ е дека високиот дефицит и долг „создаваат растечки ризик за американската и глобалната економија, потенцијално придонесувајќи за повисоки трошоци за задолжување и зголемен ризик за непречено подмирување на доспеаните обврски“.
Сепак, ММФ оценува дека американската економија забележа силен раст.
„Американската економија се покажа како робусна, динамична и приспособлива на променливите глобални услови. Економската активност и вработеноста се движат на очекуваните нивоа (…) и процесот на забавување на инфлацијата беше многу побезболен отколку што многумина стравуваа“, наведе ММФ.
Фондот втора година по ред препорачува прогресивно зголемување на стапката на данок на доход, не само за најбогатите Американци, туку и за домаќинствата кои заработуваат помалку од 400.000 долари годишно, што е прагот што го вети американскиот претседател Џо Бајден.
Меѓу другото, ММФ советува за реформа на програмите за помош и поддршка.