Американскиот актер Вил Смит објави видео на Инстаграм во кое заедно со својот колега Мартин Лоренс го најавуваат снимањето на четвртиот дел од култната комедија „Bad Boys“ (Лоши момци).
Новиот филм веќе требаше да почне да се снима, но сѐ беше одложено поради инцидентот на минатогодишното доделување на Оскарите, кога Смит му удри шлаканица на водителот Крис Рок пред камерите затоа што тој се пошегува на сметка на неговата сопруга Џејда Пинкет Смит.
Сепак, работите засега се смириле и наводите на Смит ги потврди и Sony Pictures, од каде што објавија дека новото продолжение е во претпродукција. Смит и Лоренс на снимката се договориле новото продолжение да се вика „Bad Boys: For Life“, но брзо сфатиле дека тоа е името на третото продолжение, па рекле наместо зборот „за“ да се напише бројот четири во насловот.
Ова ќе биде втор голем филм на Смит по инцидентот на Оскарите и неговата забрана од Оскарите во следните десет години. Во меѓувреме ја снимал историската драма Еманципација, во која глуми афроамерикански роб во бегство.