Финската премиерка Сана Марин во четвртокот изјави дека е вознемирена што видеата на кои таа танцува и пее на приватни забави биле објавени на интернет бидејќи биле наменети само за пријатели.
36-годишната Марин го изјави ова откако двеминутното видео на кое таа пее и танцува со познати локални инфлуенсери и уметници стана вирално на социјалните мрежи и финските медиуми во средата.
Клиповите првично беа објавени на приватна сметка на Инстаграм. Марин, која стана најмладиот шеф на владата во светот во декември 2019 година, рече дека знаела дека ја снимаат, но не мисли дека видеата ќе станат јавно достапни.
„Овие видеа се приватни и снимени во приватен простор. Жалам што дојдоа до јавноста“, им рече Марин на новинарите. Таа додаде дека не знае кој ги препратил.
Многу Финци изразија поддршка за младата премиерка поради начинот на кој таа го комбинира приватниот живот со кариерата од висок профил. Но, Хелсингин Саномат пишува дека епизодата покренала прашања за нејзиното расудување.
„Марин можеби постапила со добра волја, но таа не треба да биде толку лековерна“, напиша весникот во својот уводник.
„Премиерот може, во чувствителна ситуација, да го стави оружјето на информативната војна во рацете на оние кои би сакале да и наштетат на Финска“, пишува весникот.
Марин рече дека видеото е компилација од клипови од две различни прилики пред неколку недели. Таа рече дека луѓето на забавите консумирале алкохол, но дека никој не се дрогирал, колку што знаела.
„Само се забавувавме, исто така на бурен начин. Танцував и пеев“, рече Марин, негирајќи ги тврдењата дека видеата се рекламен трик на помалку од една година до следните општи избори.
Марин за Ројтерс во јануари изјави дека таа и нејзините колеги млади министри биле мета на чест говор на омраза поради нивниот пол и изглед додека биле на функција.