Во преградието на Чикаго, Вилбрук, во американската сојузна држава Илиноис се случило масовно пукање ноќеска по полноќ по локално време, кога непознат напаѓач отворил оган пред трговски центар каде имало најмалку 200 луѓе, јавуваат американските медиуми.
Според првите информации најмалку 29 лица се застрелани и нивната состојба не е позната.
Наводно, напаѓачот почнал да пука на улицата пред трговскиот центар, каде во тоа време имало меѓу 200 и 300 луѓе, а мотивот на напаѓачот сѐ уште не е познат.
На местото на престрелката биле испратени и екипи на итната помош и бројни полициски сили.
На видео снимки објавени на социјалните мрежи може да се види како голем број луѓе се обидуваат панично да избегаат од трговскиот центар и од пукањето.
Според очевидци, пукањето се случило за време на спонтано собирање на улица пред мал трговски центар, каде толпа од 200 до 300 луѓе, претежно тинејџери и млади, се собрале да го прослават крајот на учебната година.
– Тоа требаше да биде обична прослава за распустот, но одеднаш почнавме да слушаме пукање, па легнавме на земја додека не престане. Пукотниците продолжија, а потоа ние буквално се разбегавме на сите страни – рече сведокот Маркеша Ејвери.
Друга жена рече дека била преплашена од неочекуваното пукање.
– Имам деца и морам да се вратам дома. Не сум навикната на ова. Не го очекував, но никогаш не знаеш. Сè може да се случи денес, и секаде – рече таа за локалната телевизија.
Ова пукање следува само неколку дена по масовното пукање во Сан Франциско, кое остави девет повредени во „планиран и изолиран инцидент“, како што соопшти полицијата. Пукањето се случило околу 21 часот за време на забава организирана од продавница за облека во областа Мишн.