ВМРО-ДПМНЕ за денеска доцна попладне закажа седница на Извршниот Комитет каде ќе се носи одлука во однос на предлогот за референдумско изјаснување во однос на пакетот услови кој стана дел од преговарачката рамка, а ги отсликува бугарските максималистички барања, брифираа партиски извори.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски отвори процес на широки консултации при што беа консултирани внатрешните органи на партијата, повеќе професори и експерти по уставно право, како и широки консултации со академската јавност и коалиционите партии за што доби и поддршка за самата иницијатива.
Она што за ВМРО-ДПМНЕ е пречка е членот 5 од преговарачка рамка, а кој се потпира на протоколот кој пак ги содржи сите спорни делови од Договорот за Пријателство, Добрососедство и Соработка помеѓу Бугарија и Македонија, а кој го склучија премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов во 2017 година. Оттука изворот и коренот на проблемите се наоѓа токму во овој договор кој поставува фундамент на бугарските позиции од кој подозна произлегува и преговарачката рамка и членот 5, сметаат во партијата.
ВМРО-ДПМНЕ не ги спори и ги поддржува аспирациите за интегрирање на Македонија во ЕУ, но она што е неприфатливо се бугарските барања за промена на исоптријата, идентитетот, јазикот и културата.
Токму затоа размислувањата во ВМРО-ДПМНЕ, за кои ќе се дискутира на вечерашниот Извршен Комитет, се на референдум да се побара престанок на важноста на овој договор со кој се поставија фундаментите за бугаризација и обезличување на Македонија. До таквиот рефререндум би се дошло преку собирање на граѓански потписи, а на иницијативата прв потпишани ќе биде раководството на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ по собирањето на квалификуваните најмалку 100 илјади потписи, ќе пристапи кон собирање на 150 илјади потписи од граѓани, при што апелира власта да не го опструира овој процес. Како гаранција дека уставните измени нема да се случат остануваат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата.
Седницата на Извршниот комитет ќе започне во 18 часот, околу 20 часот се очекуваат изјави за медиуми.