Поранешниот полски претседател Лех Валенса оцени дека Полска денеска би била во војна со Русија доколку не влезеше во НАТО.
-Дефинитивно би имале војна меѓу Русија и Полска. Тоа е јасно. Само не знам како тогаш би реагирала Украина – изјави Валенса во интервју за агенцијата ПАП по повод 25-годишнината од приемот на Полска во НАТО.
Зборувајќи за идејата за влез на Полска во НАТО, а потоа и за пристапните преговори, тој изјави дека имаше големи тешкотии и дека „Советскиот Сојуз не сакаше да не пушти, а Западот не сакаше да не прифати“.
На прашањето како Полска и НАТО треба да се справат со заканите на источната граница, поранешниот претседател рече дека е потребно помалку сила, а повеќе мир.
-Ни треба поедноставна пропаганда која ќе го убеди секој Русин дека се работи за него. Дека се бориме тие да живеат во мир и спокојство – и тогаш и ние ќе живееме во мир и спокојство доколку нè послушаат и го сменат политичкиот систем. Не Сталин. Не Путин, политичкиот систем е тој што овозможува таков бандитизам – заклучи Валенса.