Вагнерците се секако најпознатата, но не и единствената приватна руска војска во Украина. Западните разузнавачки служби зборуваат за „парамилитаризација“ на Русија. Може ли државниот монопол за употреба на сила да му се лизне од рацете на Путин?
По исклучително тешка и скапа битка за источниот украински град Бахмут, на Евгениј Пригожин сега му треба малку одмор – и тој и неговите платеници од групата Вагнер. По летот со хеликоптер, шефот на таа приватна војска гордо покажува видео од подземниот камп во шумата со песочна почва: заедничко сместување, кујна, трпезарија и сауна. Сите направени од дрво. Некаде во Русија. Таму платеници се подготвуваат за нови борбени мисии во Украина.
Но, овие платеници во никој случај не се единствената паравоена организација во војната во Украина – иако приватните војски не се законски дозволени во Русија. Вистина е дека Вагнер има убедливо најголеми ресурси, со десетици илјади борци, тенкови, авиони и тешка артилерија – а групата е активна и во Африка. Сепак, самиот Пригожин потврди дека Вагнер не се бори сам во Украина.
Со приватни воени формации е активен и државниот енергетски гигант Газпром. Тој наводно основал три: Бујица, Пламен и Бакља. И има голем број други организации кои ја доведуваат во прашање улогата на редовната руска армија. Сега се води отворена дебата за тоа дали државниот монопол за употреба на воена сила му се измолкнува од рацете на рускиот претседател Владимир Путин. Западните разузнавачки служби веќе зборуваат за „парамилитаризација“ на Русија.
Приватни војски – нов начин на војување
Приватните воени компании се нарекуваат „Патриот“, „Олуја“, „Редут“ и „Ракун“, а според експертите, тие се финансирани од олигарси и големи индустриски групи. Официјално тие често се јавуваат како фирми за обезбедување на стратешки важни објекти, иако за тоа треба да бидат одговорни државните безбедносни органи.
Руските медиуми сега отворено известуваат дека приватните компании просперираат поради војната против Украина. „Приватните воени фирми се државни аутсорсинг – нов начин на војување“, изјави Сергеј Јермаков од рускиот институт за стратешки истражувања за московското списание „Експерт“.
Тие паравоени компании работат во правна сива зона, законската процедура за нивна легализација со години не е поместена.
Противниците на Кремљ ги гледаат приватните армии како квази-мафијашки структури дизајнирани да му помогнат на Путин да ја освои Украина или, во случај на пораз, барем да ја осигураат стабилноста на земјата и моќта на претседателот. Критичарите се жалат дека овие компании не им служат на државните интереси, туку на поединечни олигарси, групи и корпорации кои им плаќаат.
Вагнер како модел
Новиот модел прв го воспостави Пригожин со неговиот Вагнер. Рамзан Кадиров, шефот на руската република Чеченија на Северен Кавказ, кој и самиот е активен со своите борци во Украина, е воодушевен од „тврдиот“ начин на дејствување на Вагнер. Самиот сака да формира таква армија откако ќе ја напушти државната служба – и, како што вели, да му биде конкурент на „нашиот драг брат Евгениј Пригожин“. Медиумите блиски до Кремљ не престануваат да фалат колку е добро организиран, ефикасен и успешен Вагнер.
Долго време, моќниот апарат во Москва се однесуваше како Вагнер да е фантом и да нема никаква врска со руската држава. Во меѓувреме, Пригожин е сеприсутен. 61-годишникот ја критикува корупцијата, суетата и бирократијата во руската армија. Тој смета дека министерот за одбрана Сергеј Шојгу и неговиот началник на Генералштабот Валериј Герасимов се лично одговорни за неуспесите и поразите на редовната руска армија.
Обичните граѓани поради ваквите изјави би завршиле долги години во затвор, но Пригожин продолжува да рика како да е недопирлив. Рускиот ултранационалист и поранешен офицер на тајната служба Игор Гиркин, познат и под псевдонимот Стрелков, го обвини Пригожин дека „објавува војна“ на дел од армијата и елитата и дека планира државен удар. Гиркин ги критикува неприфатливите „навреди кон руската армија“ на Пригожин како злосторство и повикува на акција на Кремљ против миленикот на Путин. „Ние немаме друга армија и мораме да ја направиме ефикасна борбена сила“, рече тој. И ако, како што вели, Москва биде поразена во контраофанзивата планирана од Киев, на Русија и се заканува хаос до крајот на летото.
Револуција во Русија?
Руската политикологка Татјана Становаја смета дека Путин се уште е доволно силен да го одржува балансот на силите. „За претседателот, приватната армија е атрибут што и припаѓа на голема сила со геополитички амбиции“, вели тој. Меѓутоа, Вагнер одамна стана независен, а самиот Пригожин има револуционерни амбиции, вели Становаја. „Војната раѓа чудовишта чија немилосрдност и очај можат да претставуваат предизвик за државата.“ Дури и најмал знак на слабост може да доведе до колапс на системот, предупредува политикологот.
Покрај тоа, партизаните се активни во Русија и се борат против руската воена машина. Голема загриженост предизвика фактот што регионот Белгород на границата со Украина со денови беше цел на напади наводно од руски противници на Путин. Мета на критики беше и гувернерот на таа област Вјачеслав Гладков. По жестоките поплаки на жителите бегалци на Белгород, кои се загрижени дека руската држава е во војна во Украина и не ја штити сопствената територија од напади, тој рече дека има уште многу прашања до Министерството за одбрана.
Министерот Шојгу вети дека „ќе преземе строги мерки“. Министерството извести дека повеќе од 70 борци биле „уништени“ во областа Белгород. Но, таму, како и во другите погранични региони кои постојано биле напаѓани, според локалните власти, одамна се формирани единици на „цивилна гарда“. Во меѓувреме се упатуваат повици за вооружување на овие групи волонтери. Дополнително, на полуостровот Крим кој е припоен од Русија, се формираат приватни воени компании – веројатно затоа што нема доволно доверба во редовната армија.
За нападот на Белгород, политикологот Абас Галијамов потсетува дека властите со децении велат дека Русија е опкружена со непријатели и затоа ја проширува и ја зајакнува својата одбрана. „Сега кога стана сериозно, жителите треба одеднаш да се бранат од непријателот“, вели поранешниот советник на Путин. Со оглед на тешката воена ситуација и големиот број вооружени групи, тој сега дури верува дека Русија е на работ на револуција.