Во втората година од почетокот на руската инвцазија на Украина, Русија бележи значително зголемен увоз на алкохол. Летонија и Литванија се соочуваат со обвинувања дека дејствувале како посредници меѓу западните производители на алкохол и соседна Русија.
Како што пишува Еуроњуз, и покрај високите тензии меѓу двете земји поради руската агресија врз Украина и западните санкции, Летонија беше најголемиот извозник на виски во Русија во 2023 година, според податоците објавени од руската агенција РИА Новости.
РИА Новости пишува дека Русија во периодот од јануари до септември 2023 година увезла виски во вредност од речиси 244 милиони евра, речиси 4 пати повеќе отколку во истиот период минатата година. Најголем дел е увезен од соседна Латвија – во вредност од 177,4 милиони евра, додека 26,9 милиони евра се од Литванија.
Летонскиот увоз во Русија вредел повеќе од 1,1 милијарда евра во 2023 година, покажуваат податоците на владата на земјата, цитирани од Дојче веле. Повеќе од половина од вкупниот летонски извоз во Русија биле различни пијалоци, алкохол и оцет. Минатата година таа балтичка држава извезла повеќе вино во Русија (73 милиони евра) дури и од Италија (69 милиони евра), која е далеку поголем производител од Летонија.
Според локални експерти, Летонија е посредник меѓу Русија и западните компании, кои не сакаат да се знае дека сè уште ги извезуваат своите производи во Русија поради агресијата во Украина. Матис Миросниковс, економист во Банката на Летонија, за Еуроњуз изјави дека неговата земја е посредник за западните компании, но дека повторниот извоз на стоки од Запад се зголемил по февруари 2022 година, кога започна руско-украинскиот конфликт.
-Ако погледнеме каде се произведуваат овие стоки, какви видови алкохолни пијалоци се, најчесто гледаме дека се од странско потекло, ние не ги произведуваме овде – изјави тој за Еуроњуз.
– Она што мислам дека се случува е дека западните компании се обидуваат на некој начин да го одвлечат вниманието од нивната улога на продавачи (во Русија) и да ги обвинат другите дистрибутери, додека имињата на поголемите матични компании не се појавуваат во тие продавници, т.е. не се гледа дека се поврзале со Русија. Не треба да не обвинувате нас. Ние сме на граница, имате некои извозници на Запад кои ја користат оваа можност – рече Миросниковс.
Дејвис Витолс, извршен директор на летонското здружение на алкохолната индустрија (ЛАНА) вели дека Летонија не ги прекршува санкциите воведени поради Русија.
– Пред Русија да ја започне војната во Украина, Летонија беше еден од главните центри, ако не и главниот центар, за многу големи производители на алкохол за извоз во Русија, Белорусија, Украина и Казахстан – изјави Витолс за Еуроњуз.
Тој посочува дека вискито што оди од Летонија за Русија се реизвезува од други земји бидејќи земјата не произведува ваков пијалок.
– Согласно санкциите на ЕУ, сè уште е дозволен извоз на алкохол во Русија и Белорусија, освен шишиња кои чинат повеќе од 300 евра, па бидејќи Летонија не произведува виски, тие се реизвезуваат од други земји, додека во Летонија овие шишињата се продаваат со етикета во согласност со законите на земјата извозник – појаснува Витолс.
Руски извори се согласија со летонските експерти.
– Ако порано, според документите, увозот во Русија одел само транзитно преку Летонија или Литванија, сега крајната дестинација се балтичките земји, а оттаму испораката оди во Руската Федерација – изјави за РИА новости Вениамин Грабар, претседател на руска компанија за алкохол.
– Логистичкиот синџир не е променет, малку документи се сменети. Причината е што странските добавувачи често не сакаат да ризикуваат и да ја наведат Русија како крајна точка на испорака – додаде тој.
Миросниковс изјави за Еуроњуз дека уделот на извозот од Летонија во Русија всушност „драматично“ паднал од 2014 година. Пред 10 години Русија беше втор најголем извозен партнер на Летонија, со 14% од вкупно извезените стоки, а сега е помалку од 6%.