Утврдени се пропусти во работењето на Онкологија што влијаат на услугите на пациентите

Lorita
By Lorita 11 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Низа пропусти кои се однесуваат на работењето на ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија Скопје, а кои директно влијаат на услугите на пациентите, се утврдени во извештаите на Државниот завод за ревизија за кои денеска расправа собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Пред членовите на Комсијата се конечните извештаи на Овластениот државен ревизор за извршена ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност за 2021 година во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија Скопје, здравствена институција за која Јавното обвинителство отвори предистражна постапка по наводите во јавноста за злоупотреби со терапиите за онколошки пациенти.

Главниот државен ревизор Максим Ацевски пред членовите на Комисијата соопшти дека во историјата на постоењето ЈЗУ Клиника за радиотерапија и онкологија извршени се повеќе ревизии, почнувајќи од 2008, 2012, како и ревизија на финансиските извештаи за 2021 година.

– Ако ја погледнеме содржина во конечниот ревизорски извештај за работењето на наведената клиника и ревизијата на финансиските извештаи за 2021 година може да констатираме низа пропусти кои се однесуваат на работењето на самата ЈЗУ, но таквите пропусти во суштина директно влијаат и на услугите што ги дава на пациентите – рече Ацевски.

Соопштувајќи делови од извештаите, наведе дека во утврдената точка 4.1 2 се укажува дека во суштина листата на лекови не е ажурирана од 2015 година, со што се јавува потребата од ажурирање на наведените листи.

Исто така, наведе ревизорот, истакнуваме податоци во делот на она што значи условен надомест за обезбедување непречено давање биолошка терапија на пациентите на оваа клиника. Од 2017 до 2021 година нивото на одобрените средства од страна на ФЗОМ драстично е зголемено, но не ги одразува реалните потреби на она што значи вклучување на сите пациенти со биолошка терапија.

– Според повратните информации на она што е добиено во акцискиот план од Клиниката се укажува дека во 2023 година вредноста на обезбедените средства од 2021 година што изнесуваат 481.589.000 денари е зголемено на една милијарда и 200 милиони денари, но што укажува ваквата состојба? Поради неразграничување на надлежностите и отсуство на пишани процедури и протоколи за начинот на постапување и доделување на биолошката терапија се создаваат можности самиот доктор да одлучува кој пациент ќе биде приклучен на биолошка терапија или не. Со таквиот начин на постапување каде во суштина одлучува самиот доктор а одобрување дава медицинскиот директор наместо тоа да се прави согласно одредбите на Законот за здравствена заштита каде што тоа ќе го дава стручниот колегиум, се доведува до ситуација да се преземат повеќе обврски над одобрениот условен буџет на Клиниката со што се создаваат дополнителни обврски и не се овозможува подеднакво право на сите пациенти кои имат потреба од биолошка терапија – рече Ацевски.

Ревизорите, прецизираше, сакаат да укажат дека кога се дава да одлучува поединец се создава сомнеж од субјективно постапување во однос на тоа кој пациент ќе биде приклучен на биолошка терапија.

Осврнувајќи се на набавката на потребата терапија, рече дека таа е извршена од страна на Министерството за здравство, со согласност од самото Министерство и склучен поединечен договор од Клиниката, но за жал без добиена согласнот од Фондот за здравствено осигурување кој треба да ги обезбеди потребните средства.

- Advertisement -
Ad image

– Ова укажува дека се преземени обврски во износ од пет милиони 735 илјади 289 евра над одобрениот условен буџет од страна на ФЗОМ. Во исто време, воспоставена е пракса самите медицински лица да преземаат активности да вршат набавка на потребната биолошка терапија на име „реверс“ пред да биде пристапено кон склучување на договорот за јавна набавка за наведената биолошка терапија. Таквото постапување всушност создава сомнеж дека и покрај констатацијата дека одредена терапија се набавува само од еден единствен набавувач јавната здравстевна установа да биде ставена во неповолна ситуација. Сите знаме дека ако набавите нешто предвреме, а потоа барате да склучите договор, тогаш сте ставени во една полоша ситуација во која што постои можност да бидете уценувани – рече Ацевски.

Во таа насока, една од препораките на ревизороските извештаи е да се иницира изменување и дополнување на одредбите на Законот за јавни набавки каде што ќе се интервенира во можноста за ограничување на маржата за набавката на ваквите лекови.

Ацевски рече дека извештаите обелоденуваат и дека е воспоставена пракса каде одредени производители на одредена опрема кои се единствени произведувачи на таква опрема имаат направено заокружен систем, односно опремата не може да користи реагенси од друг произведувач.

- Advertisement -
Ad image

– И што правиме? Спроведуваме постапка за јавна набавка со цел да набавиме од истиот добавувач. Во таква ситуација, сите ЈЗУ се ставени во подредена ситуација и затоа надлежните институции треба да направат измени на Законот за јавни набавки со кои ќе стават крај на таквата монополска положба на производители на медицинска опрема и дистрибутери на лекови или терапија кои се единствени производители во нашата држава – појасни Ацевски.

Тој најави дека Клиниката за онкологија во јануари или февруари ќе биде предмет на ревизија во однос на преземените мерки и препораки за кои се укажува во ревизорските извештаи.

– Владата упатува да се преземат активности и од Министерството за здравство и од Фондот за здавствено одигурување со цел да се обезбеди соодветна имплементација или менување на утврдените состојби. ЈЗУ до ДЗР има доставено Акциски план со пропратно писмо во кое известува дека во најголем дел презема одредени мерки за постапување, пред се, во пропишување на протоколи за начинот на постапување во лекување на пациентите, формирање на стручен колегиум, пропишување на одрени протоколи итн. Прашањето што треба да се отвори е дали требаше Државниот завод за ревизија за изврши ревизија во оваа здравствена установа за да надлежните лица во оваа установа пристапат кон пропишување одредени протоколи за лекување, да ги почитуваат одредбите од Законот за здравствена заштита каде што ќе се ограничи и оневозможи субјективното постапување и каде ќе се обезбеди соодветен и подеднаков третман на сите пациенти – рече Ацевски.

Според пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ревизорскиот извештај е направен професионално. Во него, како што соопшти претседателот на Комисијата за финансирање и буџет и пратеник од оваа партија Бојан Стојановски, може да се направи целосна слика за нефункционалноста на еден систем во една институција за која што сите политички линители без разлика на одговорноста која ја имаат треба посериозно да го разберат.

– Игнорирањето на ваквите очигледни случувања констатирани од вашата институција придонесува за тоа да се случуават вакви загрижувачки и несакани сценарија – рече Стојановски.

Тој се осврна на повеќе делови од извштаите, при што за делот на јавните набавки, а повикувајќи се на укажувањето од ревизорот наведе дека „со еден понудувач се создава можност за негативно наддавање“ односно, како што рече, за ситуација – кадија те тужи, кадија те суди.

– Само единствениот понудувач може да ја одреди цената што ќе ја плаќаат граѓаните, односно цените на тие што ќе ги нарача медицинскиот директор за кои во рамки на инсититуцијата нема протокол за следење. Дали тука може да се забележи фаворизирање на операторот? – праша Стојановски.

Тој го цитираше мислењето на ревизорот дека за значењето на прашањата од точка 4.2 според кои „финансиските извештаи не ги прикажуваат вистинито и објективно сите материјални аспекти, финансиската состојба на ЈЗУ Клиника за онкологија на 31 декември 2020 како и резулатите на финансиските активности за годината во согласност со важечката регулатива“.

– Токму поради тоа тука со нас не е присутен јавниот обвинител заради тоа што кога во одреден извештај што е доставен во месец март со индикација на повеќе прекршувања на законот треба веднаш и неодложно да се почне со истрага и досега неколкумина требаше да бидат во притвор заради основниот постулат за одердување на мерката притвор – за да не влијаат на сведоци и да не ги затскриваат трагите. Истрагата беше отворена по допрен глас. Јавниот обвините молчел со месеци имајќи го овој извештај во свои раце – рече Стојановски.

Пратеникот од СДСМ Диме Велковски, пак, рече дека констатирани се слабости во делот на планирањето, реализацијата и контролата во делот на надоместот за набавка на биолошка терапија, а укажа и на посочените проблеми во делот на отсуството на протоколи.

– Тоа значи дека во наредниот период треба да се воспостават критериуми како и на кој начин во делот на тоа стручно да го направат оние луѓе кои ја разбираат оваа работа. Дадени се препораки како да се реагира и тоа се истите препораки што се дадени и во претходните три извештаи – рече Велковски.

Тој меѓу другото забалежа и дека „не може да се кажува дека сите лекари не чинат“, но дека „тој што згрешено намерно или ненамерно со умисла или без умисла треба да има име и презиме“.

Убеден е дека целиот случај ќе се разреши од почеток до крај и оти ќе придонесат во тоа.

– Нема криење, целта е таа, затоа даваме поддршка и на овој Извештај и на Анкетната комисија и на сите оние кои имаат што да кажат. Конечно, дајте да прекинеме, нема наши и ваши во ова, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, нема потреба од таков став и мислам дека сите го делите моето мислење – рече Велковски.

Седницата на Комисијата ќе продолжи по паузата што беше дадена за да се подготви стенографскиот извештај од излагањето на главниот државен ревизор.

Share This Article