Уставниот суд реши да не поведе постапка по поднесок од пратеникот Антонијо Милошоски, откако утврди дека не се исполнети процесните претпоставки од одредбите на Деловникот на Уставниот суд за мериторно постапување и одлучување по барањето за заштита на слободите и правата.
Поради интерес на повеќе медиуми за овој предмет Уставниот суд објави и образложение:
– Имено, во конкретниот случај подносителот истакнува барање за заштита на слободи и права a како акт со кој му биле повредени слободите и правата приложи обвинителен акт и решение со кое обвинителниот акт бил одобрен во целост. Меѓутоа, Уставниот суд оцени дека обвинителниот акт не претставува поединечен акт со кој се одлучува за поединечни слободи и права за граѓаните, односно за ограничување или одземање на одредени слободи и права гарантирани со Уставот, туку станува збор за поднесок, односно едностран процесуален акт кој е основа за водење на кривична постапка – појаснува Судот.
Милошоски, застапуван од адвокатот Петро Јанурa, во барањето навел дека во предметот „Моќник“ му е повредено правото на недискриминација по основ на политичка припадност и политичко уверување. Во барањето се тврди дека Кривичниот суд ги одбил неговите приговори на обвинителниот акт „од неетички и малициозни причини, а со цел да се врши притисок и политичка дискредитација врз Милошоски, како пратеник од опозицијата“.
– Во барањето е наведено дека содржините на претходно наведените докази јасно укажувале дека обвинителниот акт од 24 август 2020 година на Основното јавно обвинителство Скопје, кој бил поднесен до Основниот Кривичен суд Скопје и Решението од 7 октомври 2020 година на судијата за оценка на обвинителен акт на Кривичниот суд Скопје – Кривичен оддел, со кое биле одбиени приговорите како неосновани, биле донесени од неетички и малициозни причини и тоа било исклучиво со цел да се врши притисок и политичка дискредитација врз подносителот на барањето лицето Антонијо Милошоски, кој бил претеник од редовите на најголемата опозициона партија ВМРО ДПМНЕ – наведува Уставниот суд.
Во предметот „Моќник“ беа обвинети Милошоски и неговиот татко, како и ексградоначалникот на Македонски Брод Милосим Војнески за делата „измама“, а претседателот на некогашната Лустрациска комисија Томе Аџиев и деветмината нејзини членови се товареа за злоупотреба на службената положба и овластувања.
Предметот се однесуваше на продажба на имот (зграда од 157 квадратни метри и дворно место од 3 920 квадратни метри) во село Ижишта, кој бил во сопственост на Општина Македонски Брод, а го користела Општина Пласница. Имотот бил продаден на таткото на пратеникот. Штетата што ѝ е направена на Општина Македонски Брод и на државниот буџет, според обвинителството, е околу 50.000 евра.