Уставниот суд донесе одлука за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за електронски комуникации, кој пропишува обврска за телекомуникациските оператори да задржуваат податоци за електронските комуникации на сите претплатници во период од 12 месеци, без судска одлука. Ќе се оценува и одредбата дека операторите се должни задржаните податоци по барање да им ги достават на надлежните органи, исто така без судска наредба. Согласно одлуката на Уставниот суд, Собранието има рок од шест месеци да ги смени одредбите од овој закон, а во спротивно тие ќе бидат укинати или поништени.
На јавната расправа за иницијативата што се одржа денеска, судиите беа согласни дека одредбите се неуставни и посочија дека е неопходно уредување на регулативата.
Судијката известител за предметот, Татјана Васиќ Бозаџиева, на расправата посочи дека станува збор за задржување на мета податоци кои не ја откриваат содржината на пораките.
– Станува збор за мета податоци, а не за содржината на пораките, туку со нив се открива испраќачот, примачот, локацијата. Мета податоците не се податоци кои зборуваат за содржината на комуникациите, тоа е регулирано со друг пропис, со Законот за следење на комуникациите – појасни Васиќ Бозаџиева.
Според неа, мерката задржување на податоци претставува ограничување на уставното право за неповредливост на писмата и други начини на комуникација.
Судијата Осман Кадриу истакна дека регулативата дијаметрално отстапува од регулативата во Уставот.
– Вака како што е уредено, следењето на комуникациите, тоа да се врши само по налог на државниот орган, без да има одлука на суд, секогаш претставува можност правата на човекот да бидат повредени. Затоа што државниот орган без критериуми може да ги активира овие механизми кога ќе смета дека тоа е потребно – рече Кадриу.
Судијката Добрила Кацарска посочи дека, според неа, е небулозно некои податоци да се бришат за 12 месеци, а оние до кои некои органи имаат пристап, да немаат рок до кога ќе се чуваат.
– Не може да има чување на податоци без судот да даде одобрение. Не може тоа да биде ретроактивно, некој да ги чува тие податоци, а судот да се произнесе после извесен период. Без вклученост на судот не може никој никого да следи – рече Кацарска.
Судиите на расправата дискутираа дали мета податоците се важни за безбедноста на државата, како ќе влијае укинувањето на можноста за нивно прибирање и дали би дошло до оневозможување во постапување на органите на прогон.
Претседателот на Судот, Дарко Костадиновски предложи согласно Актот на судот, на законодавниот дом да му се даде рок од шест месеци за уредување на регулативата.
– Не знам дали законодавецот ќе биде ревносен, што ќе значи нашата укинувачка одлука, дали тие мета податоци се важни за безбедноста на државата. Да ја употребиме новата можност од Актот, со поведување на постапката да му наложиме на Собранието рок од шест месеци да ја уреди регулативата – рече тој.
Според Законот за електронските комуникации телекомуникациските оператори чуваат многу податоци за електронските комуникации на сите претплатници и имаат обврска да им ги дадат на истражните органи на нивно барање, а без судски налог. Ова уште во 2017 година е оспорено од повеќе организации, меѓу кои и „Евротинк“ – Центар за европски стратегии и Хелсиншкиот комитет за човекови права, а Уставниот суд дури денеска одлучи по иницијативата. Според подносителите, со чувањето на податоците за комуникациите се крши член 17 од Уставот, кој ја гарантира тајноста на писмата и останатите комуникации кои можат да се откријат исклучиво со судска наредба и тоа само во случаите на кривична истрага и за заштита на безбедноста на државата.
„Се наведува дека член 178 од Законот за електронските комуникации пропишува обврска за телекомуникациските оператори да задржуваат податоци за електронските комуникации на сите претплатници во период од 12 месеци, без судска одлука за тоа. Член 176 став 3 пропишува дека операторите се должни задржаните податоци за електронските комуникации на претплатниците по барање да им ги достават на надлежните органи по услови и постапка утврдени со закон, при што и оваа одредба не предвидува постоење на судска одлука. Поради тоа овие членови не се во согласност со член 17 од Уставот“, се вели во иницијативата, пренесува Уставниот суд.
Подносителите на иницијативата, се додава, сметаат дека оспорените одредби не содржат доволно гаранции против евентуална злоупотреба од страна на овластениот орган со дадената техничка можност за континуирано и самостојно следење на електронските комуникации на граѓаните, како и при прибирањето на потребните податоци во врска со остварена комуникација.
„Во отсуство на јасни законски одредби во врска со следењето на комуникациите, постои ризик за создавање неограничена моќ, во спротивност со принципот на владеењето на правото и човековите права на приватност и заштита на личните податоци“, се наведува во иницијативата.
Според оспорените одредби од Законот за електронски комуникации телекомуникациските оператори се обврзани 12 месеци да чуваат повеќе видови на податоци од сите корисници и тоа податоци што се потребни за следење и идентификување на изворот и дестинацијата на комуникацијата, како и датумот, часот и на времетраењето на комуникацијата. Се чуваат и податоци што се потребни за идентификување на типот на комуникацијата, комуникацискатата опрема на корисникот и локацијата на мобилната комуникациска опрема.
За да ги остварат овие законски зададени задачи, операторите ги чуваат податоците од телефонските услуги, како повикувачкиот телефонски број и името и адресата на претплатникот, времето на повиците, податоците при обезбедување на пристап до интернет и електронска пошта, како што се корисничкиот код за идентификација, името и адресата на претплатникот кому му била доделена адреса за интернет-протокол (ИП) итн.
Во законот е предвидено и дека операторите не смеат да ги задржуваат податоците што ја откриваат содржината на комуникацијата. Исто така, според овој закон операторите се должни да ги задржуваат податоците за моменталната географска, физичка или логичка локација на терминалната опрема на своите претплатници, независно од нивната комуникациска активност, а овие податоци се задржуваат за последните 72 часа.