Усогласувањето на минималната плата треба да се случи со мартовската плата и се чини дека годинава ќе помине без некои поголеми потреси. Владата веќе најави дека минималната плата ќе изнесува околу 20.000 денари и дека се исполнети условите за тоа. За работодавачите е јасно дека треба да го почитуваат договореното иако очекуваат процентот на минималната плата да достигне најмногу 57 отсто од просечната плата, а синдикатите повторно се жалат дека и овој износ на минимална плата е далеку под потребните пари за прежување на четиричлено семејство.
Лани беше утврдено ново правило за пресметка на висината на минималната плата. Таа се усогласува со 50 отсто од зголемените трошоците за живот и 50 отсто со растот на просечната плата.
Владата смета дека економијата и во овие услови може да го издржи ова зголемување на минималната плата за да ги стимулира работниците да останат во земјава.
– Имаме елемент на зголемување на продуктивноста на трудот и сметам дека економијата може соодветно да одговори на ова зголемување на минималната плата – изјави неодамна премиерот Димитар Ковачевски.
Работодавачите, кои се согласија со ланското решение за усогласување на платите, веќе ги испланираа парите за зголемување платите.
– Секој што сака да ги задржи работниците веќе ја испланирал минималната плата со новиот износ, а планира и пропорционално зголемување на платата. Досегашните пресметки, според новиот модел, укажуваат дека минималната плата ќе изнесува 20.200 или 20.300 денари, но треба да се направат пресметки со последните податоци за растот на трошоците на живот и на просечната плата – вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.
Според него посебно е важно усогласувањето на платите на работниците кои се блиску до минималниот износ на плата.
– Тоа е потребно за да не се намали продуктивноста и интересот за работа на работниците кои сега го добиваат овој износ на плата. Владата најавува дека во јавниот сектор тоа усогласување ќе биде со фиксен еднаков износ за сите категории работници, но во приватниот сектор тоа се прави пропорционално во најголемиот дел и некаде каде што има проблеми во работењето усогласувањето се врши со еднаков износ. Оваа разлика на најблиската плата до минималната би било добро да изнесува 5.000 до 6.000 денари – вели Димитров.
Тој очекува во наредните години да се достигне и договорениот плафон на учеството на минимална плата во просечната плата од 57 отсто.
– Сегашната пресметка покажува дека минималната ќе биде 61 отсто од просечната плата. Ние баравме да биде помалку и се договоривме да изнесува најмногу 57 отсто, иако во ЕУ тој процент е утврден на 50 отсто. Кај нас владата реши да ги стимулира работодавачите да ги зголемуваат платите на работниците за да можат да ги задржат – додава тој.
Сегашната минимална плата која изнесува 18.000 денари е 54,37 отсто од просечната плата во земјата.
Владата која е работодавач во јавниот сектор лани избегна да ги усогласи платите со минималната плата иако беше најавен линеарен износ на зголемување кој го бараа синдикатите.
Синдикатите, кои го прифатија новиот начин на пресметка на минимална плата, велат дека и со овој износ не може да ги покрие месечните трошоци за четиричлено семејство, ако двајца вработени во семејството земаат минималец.
– Минималната плата, според новите правила кои ги утврдивме во Законот за минимална плата на барање на ССМ, според нашите пресметки врз основа на податоците од Државен завод за статистика и Народна банка, ќе се зголеми на 20.098 денари. Доколку ја погледнеме синдикалната минимална кошница, тоа повторно ќе биде малку за овозможување само на храна и пијалаци за едно семејство. Да не заборавиме дека минималната плата во Македонија е една од најниските во регионот, пониска минимална плата има само во Албанија. Ниската минимална плата ги поттикнува македонските работниците да ја бараат својата егзистенција во соседните или во западноевропските држави – велат во ССМ.
Последните податоци за јануари покажуваат дека на едно четиричлено семејство му биле потребни 50.799 денари за минимални месечни трошоци. Државниот завод за статистика вчера објави дека инфлацијата во јануари изнесувала 17,1 отсто, а цените на мало пораснале за 13,3 отсто.
Лани владата им помогна на компаниите да го исплатат минималецот од 18.000 денари со тоа што им ја покриваше разликата од претходната минимална плата односно им даваше по 1.197 денари месечно по работник, и тоа за период од 10 месеци во 2022 година (период: март – декември 2022 година).
Услови за една фирма да добие финансиска помош за исплата на зголемениот износ на минимална плата беше работодавецот да не е ослободен од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување или данок на личен доход за вработеното лице; работодавецот да има статус на активен обврзник, односно да не е во постапка на стечај или ликвидација или постапка на бришење, според Законот за трговските друштва; и да ги има исплатено обврските.
Дали и годинава ќе се планира таква мерка не се знае.