Ќе има или не деновиве лидерска средба и кој ќе присуствува на неа? Ова прашање и денеска бранува партиски реакции, но прецизни информации нема ниту од СДСМ, ниту од ВМРО-ДПМНЕ.
„Премиерот Ковачевски не го пуштаат сам да оди на лидерска средба поради две причини. Првата е зошто Али Ахмети не му дава и се чувствува запоставен, втората е зошто раководството на СДС нема доверба во Ковачевски“, се наведува во денешната реакција од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека досега не добиле официјална покана за лидерска средба, освен изјавите што ги слушнале преку медиумите.
„Апелираме СДС да не се однесува детски и недораснато“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, на прес конференција пратеничката на СДСМ Даниела Николова на барање да даде став за мислењето на Мицкоски лидерската да биде тет-а-тет, одговори:
– Мицкоски е поканет на сериозна средба, многу важна за иднината на државата. Тоа не се приватни средби и ние не сакаме да се мешаме во внатрепартиските односи во ВМРО-ДПМНЕ доколку Мицкоски нема доверба во сопственото раководство. Оставаме на Мицкоски да избере дали ќе дојде сам или со некој од раководството на ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицксоки во своето гостување во емисијата 360 степени синоќа рече дека потребно е да има лидерска средба од која ќе има некаков заклучок, а не лидерска само за ПР.
– Искуството мое покажува дека во таков широк формат не лидерска туку тимска средба, ајде така да ја наречеме, никогаш не се носеле заклучоци, тоа е повеќе ПР егзибиција. Поминати неколку часа внатре разговори на ова или онаа тема, да излеземе да дадеме изјава, да кажеме што се договоривме. Ние ќе кажеме ништо не се договоривме и практично освен еден дополнителен спектакал за јавноста воопшто ништо нема да значи таа лидерска средба. Јас, напротив, ценам дека во овие моменти кои што се суштински за државата е потребно после таква лидерска средба да излеземе со некаков заклучок – рече тој и додаде дека ако има лидерска средба без суштина, без заклучок, тогаш подобро е и да ја нема.