Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен предлог против претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска. Таа е обвинета дека во периодот од мај до декември 2024 година на неповикано лице обвинето во предметот „Адитив“ му сторила достапни податоци кои се сметаат за службена тајна.
Воедно, на Димитровска ѝ се става на товар и дека незаконски го добила сертификатот за класифицирани информации, односно за пристап до државните тајни.
„Како службено лице, претседател на ДКСК, од мај до декември 2024 година на неповикано лице обвинето во предметот „Адитив“ на друг начин му сторила достапни податоци кои претставуваат службена тајна согласно член 25 и член 50 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и член 289 од ЗКП. Таа преку својот службен телефон и апликациите Viber и WhatsApp му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот „Адитив“, службени белешки за отворање на предмет и распределба на член на ДКСК, одлуки по истите, како и податоци за проверка на имотот на обвинетиот и на неговото семејство. Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат пред ОЈО за гонење организиран криминал и корупција“ стои во соопштението од Обвинителство.
На Димитровска ѝ се става на товар и дека незаконски го добила сертификатот за класифицирани информации, односно за државни тајни, откако преку службениот телефон му испратила пристапни податоци на ревизор во Државниот завод за ревизија, кој во нејзино име го положил тестот за безбедносна обука.
„На истата обвинета ѝ се става на товар и дека со цел да добие Сертификат за положен испит, во август 2024 година од службениот телефон преку апликацијата Viber на третообвинетиот – ревизор во ДЗР, му испратила компјутерски податоци, односно логови за пристап на електронски систем за обука на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. Третообвинетиот, од службениот електронски уред на Државниот завод за ревизија пристапил од нејзината електронска адреса и во име и за нејзина сметка го положил тестот за класифицирани информации. Сертификатот за успешно завршување на курсот за класифицирани информации издаден од страна на Дирекција за безбедност на класифицирани информации второобвинетата го употребила како вистински компјутерски податок и врз основа на него ѝ бил издаден безбедносен сертификат за пристап до национални класифицирани информации со степен Државна тајна“, појаснуваат од ОЈО ГООК.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција денеска информираше дека до Кривичниот суд Скопје достави обвинителен предлог против три лица, меѓу кои и за Димитровска, за кривично дело Одавање службена тајна, од кои на две лица им се става на товар и дека како соизвршители сториле кривично дело Компјутерски фалсификат.
ЈО ГОКК информираше и дека подлело обвинителен акт против едно лице, веќе обвинето во предметот „Адитив“, кое сега се товари за кривичните дела Злосторничко здружување, за помагање при Злоупотреба на постапка за јавен повик и за Перење пари.
„Обвинетиот, како член на група, вработен во едно од обвинетите правни лица, од јули 2022 до октомври 2024 година, со умисла извршил две или повеќе временски поврзани дејствија и искористувајќи ист траен однос и исти прилики и околности, на управителките на обвинети правни лица во предметот „Адитив“ им ставил на располагање средства и ги отстранил пречките за кривичното дело. На овој начин им помогнал свесно да ги повредат прописите и да ги изиграат постапките за доделување на договорите за јавни набавки. Во периодот од август 2023 до ноември 2024 година, обвинетиот на сопствената денарска сметка уплатил парични средства во вкупен износ од 408.300 денари, а од правното лице во коешто бил вработен во 84 наврати примил парични средства на име трошоци за службени патувања во вкупен износ од 1.963.800 денари. Иако знаел дека средствата правното лице ги прибавило со сторување на кривичното дело Злоупотреба на постапка за јавен повик, со цел да го прикрие понатамошниот нивен тек ги пуштил во оптек и ги подигнувал во готово, со што ги исполнил битијата на кривичните дела кои сега дополнително му се ставаат на товар“, соопшти Јавното обвинителство.
Покрај Димитровска, со обвинителен предлог е опфаена и раководителка на сектор во Подружница ТЕЦ Неготино АД ЕСМ Скопје, која во септември 2024 година, исто така, на неповикано лице му доставила податоци што се сметаат за службена тајна.
„Во обвинителниот предлог првообвинетата е службено лице – Раководител на сектор во Подружница ТЕЦ Неготино АД ЕСМ Скопје која од јули до ноември 2024 година, на неповикано лице обвинето во предметот „Адитив“, на друг начин му сторила достапни податоци што претставуваат службена тајна и се однесуваат на севкупното работење на правното лице. Дополнително, откако од Одделот за криминалистичка полиција кој постапувал по наредба на ОЈОГОКК, било доставено Барање за доставување на документацијата што се однесува на спроведена постапка за набавка на мазут за периодот од 2021-2023 година, таа преку апликација WhatsApp на телефонски број на обвинетиот му испратила фотографија од Известувањето, иако сите податоци, документи, известувања и извештаи, согласно закон се сметаат за службена тајна и нивно откривање може да има штетни последици за започнатата постапка“, соопшти Обвинителството.
Истражната постапка беше отворена кон крајот на април како резултат на екстрахираните електронски докази во рамките на предметот „Адитив“, за кој е почнато судењето и се суди во дигиталната судница во Идризово.
Со поднесените обвиненија, Обвинителството достави посебен предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот за злоупотреби поврзани со предметот „Адитив“. За обвинетиот ревизор кој полагал во име на претседателката на ДКСК предложени се мерки на претпазливост – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање и забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со второобвинетата. За останатите две обвинети опфатени со поднесените обвиненија активни се мерките определени со започнување на постапката против нив, соопшти Обвинителството.
Обвинителството со обвиненијата до Судот достави и образложен писмен предлог за спојување на постапката со предметот „Адитив“.
За Димитровска претходно, кога почна истрагата беа опредлени мерки за претпазливост, односно привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова, како и забрана за преземање на одредени работни активности поврзани со кривичното дело.