Уништен е тахографот на полскиот автобус, кој вчера излета од автоптот А4 кај Загреб при што загинаа 12 лица, поради тоа не е можно да се извлечат податоците од него, објави Јутарњи лист.
– Тоа значи дека нема да може да се утврди со која брзина возел автобусот во моментот на несреќата, иако таа треба да биде 100 км/ч. Меѓутоа, во тахографот имало две дигитални возачки картички (возачка и совозачка), што покажува дека полскиот превозник правилно ангажирал двајца возачи за толку долго патување. Според податоците од картичките, двајцата возачи до моментот на сообраќајната незгода немале сторени прекршоци во однос на работните активности, а по одреден број часови возење правилно се менувале – изјави машинскиот инженер Зоран Калауз.
Професионалните возачи имаат цела низа правила кои пропишуваат кога можат да започнат со работа или да возат, колку долго можат да работат или да возат континуирано, колку долго можат да работат или возат во една смена, во една седмица итн. Им се пропишуваат задолжителни паузи по одреден број часови возење, пропишани се часови минимален дневен одмор како и часови минимален неделен одмор што секој возач мора да ги има во рок од една календарска недела.
Одредени правила се разликуваат во зависност од тоа дали возачот е сам во возилото или дали во возилото се двајца возачи. Има речиси триесет правила и разни исклучоци од правилата кои секој професионален возач мора добро да ги знае за да не направи прекршок на пат.
Тахографот ги евидентира сите активности и дали возачот ги почитува правилата што важат во ЕУ, но, за жал, вообичаени се и манипулациите со тахографот.
Вчера утрото се случи страшна сообраќајна несреќа на автопат во Хрватска во која загинаа 12 луѓе, а повеќе од 30 се повредени, најголемиот дел од нив завршија со сериозни повреди, од кои некои и со животозагрозувачки.