По 5 години од светската премиера на престижниот музички фестивал во Лудвигсбург, Германија и освојување на светските музички меридијани со музичкиот материјал изнедрен од плодната македонска почва, нашиот прославен пијанист Симон Трпчески конечно ја изведува и мини-серијата концерти со македонската премиера на интернационалниот музички проект МАКЕДОНИСИМО.
Трпчески и пријателите ќе го изведат албумот МАКЕДОНИСИМО што во издание на британската етикета „Лин Рекордс” го обиколи светот. Станува збор за проект во чии рамки на оригинален начин се обработува македонската народна музика од страна на нашиот композитор, Панде Шахов, кој, како што вели Трпчески, „со својот посебен музички јазик ја обои на многу поинаков начин, испреплетувајќи со нашата традиционална музика различни музички стилови”. Уникатниот тим на МАКЕДОНИСИМО КВИНТЕТОТ и на оваа серија концерти покрај Симон Трпчески на пијано, го сочинуваат и Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело; на кларинет, саксофон и на кавал Хидан Мамудов, а зад удиралките е Влатко Нушев.
Оваа изведба, публиката во Битола, ќе може да ја проследи бесплатно, во понеделник на Платото пред Офицерски дом со почеток во 19.00 часот.