Еден од клучните приоритети на унгарското претседателство со Советот на ЕУ е да водиме избалансирана и кредибилна политика на проширување заснована на заслуги и да му дадеме нов импулс на процесот на интеграција на земјите од Западниот Балкан, признавајќи дека Унијата не е целосна без нивното приклучување, порача министерот за европски прашања на Унгарија, Јанош Бока.
– Очекуваме да постигнеме видлив напредок во пристапувањето на овие земји кандидати во ЕУ, продлабочувајќи ја соработката преку претстојниот Самит ЕУ-Западен Балкан и Европската политичка заедница – додаде Бока по завршувањето на вчерашното заседание на Советот за општи работи на Европската Унија (ГАК).
Главна тема на состанок на ГАК, на кој учествуваше и министерот за европски прашања Орхан Муртезани, беше Извештајот на Европската комисија за владеење на правото за 2024 година, со кој годинава покрај земјите членки на ЕУ, првпат беа опфатени и четирите држави од Западниот Балкан вклучени во пристапниот процес – Северна Македонија, Албанија, Србија и Црна Гора.
„Владеењето на правото има централна улога во процесот на проширување како основен услов за членство во ЕУ. Оваа година, Албанија, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, како најнапредни земји кандидати во процесот на пристапување и во однос на нивото на подготвеност за владеење на правото, за првпат беа вклучени во извештајот на Комисијата за владеење на правото“, се наведува во соопштението од заседанието на ГАК.
Во дебатата, која опфати четири области поврзани со владеењето на правото: правосудниот систем, антикорупциската рамка, медиумскиот плурализам и слобода и други институционални прашања поврзани со контролните механизми, министрите го поздравија добриот севкупен напредок во исполнувањето на препораките на Комисијата и вклучувањето на земјите кандидати во овогодишниот извештај.
„Министрите ги поздравија сеопфатните реформи што ги спроведоа или иницираа четирите земји кандидати за зајакнување на владеењето на правото и ги охрабрија да продолжат со своите реформски напори додека се подготвуваат за членство во ЕУ. Дискусијата се фокусираше само на општите трендови за владеење на правото и по дебатата не беа донесени официјални заклучоци. Дискусиите за владеењето на правото во поединечните земји кандидати ќе продолжат да се одржуваат во рамките на процесот на проширување“, се наведува во соопштението.
Муртезани: Членството во ЕУ е главниот приоритет на новата Влада, покрај економскиот развој
Mинистерот за европски прашања, Орхан Муртезани вчера во Брисел учествуваше на официјалниот состанок на Советот за општи работи на Европската Унија (ГАК). Ова е прв пат Северна Македонија, Црна Гора, Албанија и Србија да бидат вклучени во Извештајот на Европската комисија за владеење на правото, нудејќи им можност на министрите од земјите-кандидатки, во инклузивна средина, заедно со министрите од земјите-членки на Унијата да разменат мислења за прашања поврзани со владеење на правото.
Министерот Муртезани, на Состанокот ја поздрави одлуката за вклучување на Северна Македонија во Механизмот на ЕУ за владеење на правото, кој ќе обезбеди јасна патека за следење и оценување на нашиот напредок кон усогласување со стандардите на ЕУ, осигурувајќи дека ги исполнуваме демократските одредници и одредниците за владеење на правото неопходни за членство во Унијата.
– Нашето вклучување во Механизмот на ЕУ за владеење на правото означува критичен чекор во нашата забрзана интеграција во Европската Унија. Гледајќи напред, бараме целосно учество на земјите кандидати во овој механизам, вклучително детални препораки и мониторинг, што ќе придонесе за брзо усогласување со европските стандарди. Ова не само што ќе ја подобри нашата рамка за владеење на правото, туку и ќе ја олесни подлабоката интеграција во европскиот систем на економско управување – два процеса кои мора испреплетено да се одвиваат – истакна Муртезани.
Покрај за состојбите во четирите земји кандидати за членство од Западниот Балкан, министрите за европски прашања на членките на ЕУ, како дел од годишниот дијалог на Советот за владеење на правото, расправаа и за општите состојби поврзани со владеењето на правото во Унијата, врз основа на Извештајот на Комисијата. Учесниците на состанокот на ГАК оценија и дека е важно да се продолжи дијалогот со целосно почитување на принципите на објективност, недискриминација и еднаков третман на сите земји членки на ЕУ.
Дополнително, актуелното унгарско претседателство со Советот на ЕУ ги претстави приоритетите на своето претседавање, кои вклучуваат подготовка на нов европски договор за конкурентност, зајакнување на европската одбранбена политика, водење конзистентна политика на проширување заснована на заслуги, спречување на илегалната миграција, обликување на иднината на кохезивната политика, изработка на земјоделска политика на ЕУ насочена кон земјоделците и справување со демографските предизвици.
Во делот на надлежностите на ГАК, унгарското претседателство ќе продолжи со активности кон спроведување на Стратешката агенда, зајакнување на владеењето на правото, транспарентноста, интегритетот и демократска отпорност, креирањето на иднината на Европа, проширувањето на Унијата, борбата против антисемитизмот, зајакнување на односите на ЕУ со Велика Британија и Швајцарија и склучување на договори за асоцијација со Андора и Сан Марино.
На заседанието започнаа и подготовките за Самитот на ЕУ предвиден за 17 и 18 октомври 2024 година, со дискусија за предлог-дневниот ред за средбата на шефовите на држави или влади на членките на Унијата.
Според првичната предлог агенда, лидерите на ЕУ ќе се осврнат на руската агресија врз Украина и на ситуацијата на Блискиот Исток, а ќе ја одржат и прва размена за извештајот на поранешниот италијански премиер Марио Драги за иднината на европската конкурентност.
Другите теми на Самитот се поврзани со миграцијата, безбедноста и одбраната, подготовките за самитите за климатски промени КОП29 и за биолошка разновидност КOP16, како и за случувањата во Грузија и Молдавија.
Претседателката Силјановска Давкова на работен ручек со еврокомесарот Борел
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која ја предводи македонската делегација на 79. Генерално собрание на ОН, денеска се очекува да присуствува на работниот ручек со претставникот на Европската унија за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел со шефовите на делегациите на земјите од Западниот Балкан.
Како што јави известувачот на МИА од Њујорк, во попладневните часови, по американско време, Сиљановска Давкова со членови на македонската делегација ќе учествува на прием што го организира претседателот на САД Џо Бајден со сопругата по повод 79. Генерално собрание на ОН.
Денеска продолжуваат сесиите на Генералното собрание на ОН, а Сиљановска Давкова пред членките на ОН ќе се обрати утре, како и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и министерот за здравство Арбен Таравари.