Украинските воздушни напади ги погодија воениот аеродром Канскаја во близина на Краснодар, Русија и базата во која се сместени иранските беспилотни летала Шахед, кои Русија ги користи за секојдневни напади врз Украина.
Се вели дека нападнатата руска база содржи околу 400 нападни беспилотни летала, а нападот го извршиле украинската морнарица и единиците на Службата за безбедност на Украина. Генералштабот објави дека после нападот е регистрирана последователна детонација, пишува Киев Индипендент. Се додава дека е забележан и „точен удар во целта“.
„Уништувањето на складиштето Шахед значително ќе ја намали способноста на руските окупатори да ги тероризираат цивилите во украинските градови и села“, се истакнува во соопштението на Генералштабот.
Според извештаите, аеродромот Канскаја бил цел на ноќен напад на украинските сили. Во официјалното соопштение на Киев на социјалната мрежа Икс се вели дека сателитски снимки на НАСА ФИРМС покажале уништување на главните капацитети на аеродромот. Сè уште се слушаат детонации, а пожарот кој избувна по нападот не е изгаснат.
На социјалните мрежи се појавија снимки од последиците од нападот, каде што беше наведено дека аеродромот е официјално регистриран како база за обука.
Сепак, сликите од мапата на сајтот Јандекс (Yandex) откриваат присуство на целосно оперативни руски бомбардери Су-34 и борбени авиони Су-35 на таа локација. Исто така, беше пријавено дека е извршено превентивно иселување на блиското село Родникови. Локалните власти информираат дека во нападот нема жртви или повредени.
Веднаш до аеродромот, украинската армија вчера ја нападна базата во која се наоѓаат иранските беспилотни летала „Шахед“, кои Русија ги користи за секојдневни напади врз Украина. Базата се наоѓа во близина на селото Октјабрски во руската област Краснодар, пишува Киев Индепендент.
Техеран ѝ достави на Москва илјадници камикази беспилотни летала Шахед од почетокот на војната во 2020 година. Русија ја нападна Украина во септември со повеќе од 1.300 такви беспилотни летала, лансирајќи ги дневно во текот на месецот.
Во текот на ноќта на 9 октомври, украинско беспилотно летало исто така погоди и запали руско складиште за оружје каде што се чуваше севернокорејска муниција во областа Брјанск. Во тој магацин биле складирани проектили и артилериско оружје, вклучително и оние од Северна Кореја.