Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот француски колега Емануел Макрон разговараа за безбедносната ситуација во украинската нуклеарна централа Запорожје, соопшти Кремљ.
Во телефонски разговор, двајцата лидери изразиле подготвеност за „аполитична интеракција“ со учество на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), се вели во соопштението објавено на веб-страницата на Кремљ.
„Руската страна скрена внимание на редовните украински напади врз електраната, вклучително и врз складиштето на радиоактивен отпад, што може да резултира со катастрофални последици“, се вели во соопштението.
Макрон му рeкол на Путин дека безбедноста на нуклеарната централа Запорожје е загрозена бидејќи е окупирана од руски војници.
Во соопштението на Елисејската палата се вели дека Макрон побарал од Путин да го повлече тешкото и лесното оружје од нуклеарната централа и му посочил дека Москва треба да ги почитува препораките на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) за да се осигура безбедноста на локацијата, објави Ројтерс.
Русија и Украина се обвинуваат меѓусебно за ракетирање на централата, ризикувајќи нуклеарна катастрофа. Работата на електраната денеска беше целосно прекината од безбедносни причини.
Двајцата лидери разговараа и за глобалните прашања за безбедноста на храната. Според Кремљ, Путин му рекол на Макрон дека е важно Европската Унија да не го попречува извозот на руска храна и ѓубрива во Африка, Латинска Америка и Блискиот Исток.