Контраофанзивата на украинската армија, која не ги исполни очекувањата на западните земји, може да доведе до раскол меѓу сојузниците на Киев, јави Си-Ен-Ен во анализа, повикувајќи се на свои извори.
Според медиумот, западните функционери стравуваат дека „растечкиот јаз меѓу очекувањата и реалните резултати [на контраофанзивата]“ ќе доведе до размена на обвинувања меѓу Киев и западните престолнини, како и до „расцеп во Алијансата“.
– Проблемот, се разбира, е дека тогаш Украинците ќе ја фрлат вината [за нивните неуспеси] врз нас – рече висок западен дипломат.
За да го покаже расколот во американското јавно мислење, телевизијата ја наведе анкетата на CNN/SSRS спроведена минатата недела, според која 55 отсто од Американците сега веруваат дека Конгресот не треба да одобри дополнително финансирање за поддршка на Украина. Околу 51 отсто велат дека САД веќе направиле доволно за да помогнат, а 48 отсто велат дека треба да направат повеќе. Набргу по руската инвазија во февруари 2022 година, 62 отсто рекоа дека САД треба да направат повеќе за да ја поддржат Украина.
– Белата куќа ја минимизира идејата дека Украина го губи моментумот и дека засега има многу време – истакнува и Си-Ен-Ен.
Според податоците на руското Министерство за одбрана, украинската армија прави неуспешни обиди за напредување од 4 јуни. Според Министерството, за два месеци украинската армија изгубила повеќе од 43.000 војници и околу 5.000 единици различно оружје, вклучувајќи 26 авиони и 25 тенкови „Леопард“.