Руското Министерство за одбрана соопшти дека нивните сили го зазеле стратешки важниот аеродром „Гостомел“ кај Киев, како и дека во таа област слетале падобранци, пренесоа руските медиуми.
Како што се наведува, руската армија го блокирала влезот во Киев од запад, а проруските сили во источна Украина ги нападнале позициите на украинската армија како поддршка на руската армија.
Аеродромот „Гостомел“ е место на интензивни борби меѓу руските и украинските сили.
Има долга писта на која можат да слетаат големи транспортни авиони, што значи дека нејзиното преземање ќе и овозможи на Русија да испрати копнени сили директно во предградијата на Киев.
Од друга страна, украинските вооружени сили соопштија дека веќе убиле над 1.000 руски војници ангажирани во инвазијата врз земјата, а загубите се во размер што Русија никогаш досега не ги претрпела за така кратко време, јави ДПА.
„Руските мајки ги испраќаат своите синови во сигурна смрт, бидејќи украинските вооружени сили ги држат линиите и ќе ја бранат својата земја од окупаторите“, се наведува во соопштението.
Руското Министерство за одбрана, од друга страна, соопшти дека нема жртви. Ниту едното барање не можеше да биде независно потврдено.
Украинските трупи во меѓувреме влегоа во Киев со тешка воена опрема за да го бранат главниот град.