Ноќешната експлозија на мостот Керч, што ги спојува полуостровот Крим и Краснодарската област, локалните руски власти ја оценија „акт на тероризам“, јави ДПА.
Две лица загинаа, а едно дете е повредено во експлозија што синоќа се случи на мостот на Крим, додека сообраќајот е во прекин поради оштетување на патот, јавија руски медиуми.
Украинската тајна служба – СБУ во денешниот коментар по експлозијата на мостот што го пврзува полуостровот Црно Море со остатокот од Русија, напиша: „Уште еднаш мостот отиде „на спиење“.
СБУ, инаку, ја призна вмешаноста во претходниот напад на мостот минатата есен.
Извор од украинската служба за безбедност изјавил за Би-би-си дека синоќешниот напад на мостот на Крим бил „специјална операција на поморските сили на Украина и на украинската служба за безбедност“.
„Мостот беше нападнат од поморски дронови. Беше тешко да се стигне до него, но на крајот успеавме”, рекол изворот.
Владимир Константинов, претседател на парламентот на Крим, нападот го нарече терористилки чин.
„Вечерва терористичкиот режим на Киев изврши ново злосторство и го нападна мостот на Крим“, напиша тој на својот канал Телеграм, пренесе ДПА.
Портпаролот на украинската воена разузнавачка служба (ГУР) Андриј Јусов изјави дека службата нема да го коментира инцидентот.
– Сега целиот свет може да ги види километарските сообраќајни колони и оштетување на конструкцијата на мостот. Што се однесува до дополнителни коментари во врска со инцидентот, нема да има. Можам само да ги цитирам зборовите на првиот човек на ГУР, Кирил Буданов, дека „Кримскиот мост таму e вишок објект“ – изјави Јусов.
Тој истакна дека поради оштетување на дел од мостот Русите ќе имаат проблеми со логистика.
– Русите го користат Крим како главен логистички центар за движење на силите и опремата длабоко на територијата на Украина – истакна Јусов.