Ученик од повисоките одделенија на основно училиште во Бања Лука им се заканувал на учениците дека ќе направи список за ликвидација, како оној пронајден во случајот со масовното убиство во Основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград кога ученикот Коста К. уби осум ученици и чуварот на училиштето – пишува РТС.
Директорката на основното училиште „Георги Стојков Раковски“ во Бања Лука, Ивана Љубојевиќ, за „Независне новине“ потврдила дека девојчињата од класот пријавиле дека ученикот во разговор со нив рекол дека ќе направи список за ликвидација.
Училиштето за овој настан ги известило надлежните институции.
– Сѐ е под контрола, полицијата разговарала со родителите на детето, како и со училишниот психолог. За среќа, список не е напишан, се е направено навреме – рече Љубојевиќ и посочи дека за овој настан бил информиран и Центарот за социјална работа на Бањалука, пренесува РТС.
Љубојевиќ изјави и дека вчера во училиштето се одржал Совет на родители на кој родителите биле информирани за овие настани.
Родителите на учениците од се вознемирени и исплашени , а некои се заканиле дека нема да ги праќаат децата во училиште додека не добијат детални информации за инцидентот. Медиумите пренесуваат дека дополнително ги вознемирило видео од воена видео игра што кружи меѓу родителите, а кое наводно го направило осомниченото момче.
На видеото се гледа реплика на училиштето и училишниот двор, а лице трча вооружено со пушка.
„Независне новине“ неофицијално дознаваат дека овој ученик потекнува од проблематично семејство и дека и претходно имало разговори со родители за неговото однесување.
Директорката на бањалучкото училиште соопшти дека по трагедијата што се случи во Белград, во нивното училиште имало заканувачки разговори меѓу деца од типот „јас ќе го средам тоа“, а дека во мај имале случај кога им било кажано дека еден од учениците има оружје во чантата.
– За среќа, полицаецот бил таму и го проверил ранецот на детето, каде не нашол ништо – рекол Љубојевиќ.
Љубоевиќ додава дека во последно време голем проблем во училиштата е што децата злоупотребуваат сѐи го свртуваат вниманието кон себе.
-Големиот проблем е што децата знаат дека немаат одговорност до 14 години, туку за нив одговараат нивните родители – рече Љубојевиќ.