Учeбната година да започнува на 11 септември, а да завршува на крајот на јуни. Ваков предлог наводно постои, но тој сѐ уште не е доставен до Владата, изјави денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири, одговарајќи на новинарско прашање дали наставниците и синдикатите се консултирани за ваквите потенцијални измени.
Предлогот вклучува и неколкудневен пролетен распуст.
– Сѐ уште не е доставен предлогот до Владата, а станува збор за дискусија којашто започна да се води заедно со синдикатите. Иако кај нас новата учебна година започнува на 1 септември, сепак, во други земји таа стартува подоцна – рече Шаќири.
Тој нагласи дека Владата ќе одлучи што е најдобро решение, нагласувајќи дека овие промени може да се реализираат и од септември, за што, според него, има доволно време.
– Доколку одлучиме за 1 септември, ќе биде петок. Доколку се одлучиме за втората варијанта, тоа е во средината на месец септември. Третата варијанта е почеток од 1 септември, но, исто така учениците да имаат пролетен распуст – појасни Шаќири.
Запрашан дали новата учебна година ќе започне без проблеми, министерот одговори дека смета оти таа ќе биде една од поуспешните во делот на доставување на учебници уште од самиот старт.