Убијците на 2-годишната Данка Илиќ биле под дејство на алкохол кога го удриле девојчето, а потоа ја задушиле и ја фрлиле во депонија, објави Република.рс
– Толку биле пијани што не се сеќаваат каде ја закопале Данка. Во моментов ја водат полицијата низ целата депонија, бидејќи не се сеќаваат каде е телото – изјави изворот за српскиот медиум.
Криминалистичката полиција од Бор ги приведе работниците на јавното комунално претпријатие „Водовод“ Бор С.Ј.(50) од село Лука и Д.Д.(50) од село Злот.
– С.Ј. е осомничен дека на улицата „Радомир Путник“ со службеното возило „фиат панда“ удрил во пешак, двегодишно девојче Данка, и ја усмртил. Заедно со колегата Д.Д. телото на девојчето го ставиле во багажникот на возилото, по што се упатиле кон дива депонија на „Старобањски пут“ кај Бор, каде телото го фрлиле на десната страна од патот – вели извор близок до истрагата.
С.Ј. е обвинет за сторено тешко кривично дело против безбедноста на јавниот сообраќај, а Д.Д. за помош на сторителот по извршувањето на кривичното дело. По апсењето и на двајцата им е одреден притвор до 48 часа.
Истрагата на криминалистичката полиција на ПУ Бор укажува дека убиството се случило на 26 март околу 13 часот и 52 минути, односно само 7 минути откако мајката пријавила дека девојчето е исчезнато.
– С.Ј. е обвинет дека не ја приспособил брзината на возилото на состојбата и условите на патот, поради што со предниот десен дел од возилото го удрил девојчето и го усмртил – вели извор од истрагата.
Данка Илиќ исчезна на 26 март околу 13 часот и 45 минути во Бањско Поље кај Бор. Кога исчезнала била со мајка и и брат и оттогаш и се губи секаква трага. Поради нејзиното исчезнување, за прв пат во Србија е активиран системот „Најди ме“.
Во потрагата по Данка, Министерството за внатрешни работи на Србија организираше една од најобемните потраги во која беше вклучен целиот регион.
Полицијата од Бор вчера на местото на исчезнувањето донесе службени кучиња, кои повторно го пребараа теренот, а недолго потоа биле донесени двајца мажи да го покажат просторот.