Турскиот парламент во вторник усвои закон за отстранување на милиони кучиња скитници од улиците и нивно сместување во засолништа, и покрај протестите на љубителите на животни и критиките на опозициската партија која најави дека ќе се обиде да ја оспори одлуката на суд.
Законот напишан од владејачката АК Партија на турскиот претседател Таип Ердоган ја разбранува турската јавност. Многумина стравуваат дека оваа мерка ќе резултира со евтаназија на повеќето од овие кучиња.Турција има околу четири милиони кучиња скитници. Поддржувачите на законот ја наведоа загриженоста за напади на кучиња, сообраќајни несреќи и ширење на беснило.
Според новите правила, секое куче кое покажува агресивно однесување или има неизлечива болест ќе биде евтаназирано. Законот го поддржаа 275 пратеници, а 224 беа против.
Активистите за правата на животните побараа наместо тоа да се прошири кампањата за стерилизација, а опозициската Републиканска народна партија (ЦХП) најави дека ќе поднесе жалба до Уставниот суд.
„Оваа мерка е очигледно неуставна и не го штити правото на живот“, рече лидерот на ЦХП, Озгур Озел по усвојувањето на законот, додавајќи дека општините немаат доволно капацитет да се грижат за толку многу кучиња од улиците.
„Ќе направиме повеќе од потребното во однос на изградба на дополнителни прифатилишта, вакцинација, стерилизација и посвојување, но не е можно целосно да се исполни оваа обврска со овластувањата што ги имаат општините“, додаде тој.
Турција во моментов има 322 засолништа за животни со капацитет за околу 105 илјади кучиња, се наведува во законот.
Се бара од сите општини да издвојат најмалку 0,3 отсто од својот годишен буџет за програмата за рехабилитација на животните и за изградба или проширување на засолништа. Тоа ќе треба да го постигнат до 2028 година.
Илјадници луѓе излегоа на улиците во последниве недели за да протестираат против овој закон, носејќи знаци како „не можеш да ги убиеш“ или „повлечи го законот“.
Жителите на турските градови и населени места често самите се грижат за уличните животни, им градат импровизирани засолништа, ги хранат и им даваат вода. Едно истражување покажа дека помалку од 3 отсто од жителите ја поддржуваат евтаназијата на кучињата, а речиси 80 отсто сакаат да ги сместат во засолништа.